ПЕНДАРОВСКИ ГИ ПОВИКА ОБВИНИТЕЛИТЕ ДА СЕ ВРАТАТ ОД ОДМОР

    ПЕНДАРОВСКИ ГИ ПОВИКА ОБВИНИТЕЛИТЕ ДА СЕ ВРАТАТ ОД ОДМОРОдговарајќи на новинарско прашање, претседателот Стево Пендаровски кажа дека апелот за враќање од одмор не важи за политичарите, бидејќи тие не се надлежни за истрагата. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Претседателот Стево Пендаровски апелираше до обвинителите да го прекинат одморот и да си ја вршат работата, на денешната прес-конференција за случајот „Рекет“.

    „Не смееме да си дозволиме кога има ваква афера да си тераме одмори како да е нормална состојбата. Судско-обвинителските органи да ги прекинат колективните одмори и да си ја вршат работата, не само да зборуваат дека почнале со работа“, изјави Пендаровски.

    Одговарајќи на новинарско прашање, претседателот кажа тоа не важи за политичарите, бидејќи тие не се надлежни за истрагата.

    На одмор се Јавниот обвинител Љубомир Јовески и шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска.

    Тој побара од надлежните институции ефективно, брзо и темелно завршување на истрагата почитувајќи го начелото на презумција на невиност и доколку има докази да се поднесат обвиненија против сите инволвирани без разлика дали се носители на јавни функции или не.

    Освен кривично-правната одговорност, доколку има друга, било каква поврзаност со случајот, во смисла на давање на заштита на лицата под истрага, Пендаровски инсистира и на политичка одговорност на политичарите, независно дали се од власта или од опозицијата.

    „Во овој контекст е најдобро, сите оние чии имиња се споменати, независно дали со основ или намерно, само со цел да бидат дискредитирани, самоиницијативно да дадат изјави пред надлежниот обвинител со цел да покажат дека пред законот и пред јавноста сме сите исти“, вели Пендаровски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира