Собранието го избра и вториот предлог на претседателот Стево Пендаровски за член на Судскиот совет, а тоа е Весна Дамова, долгогодишен стручен соработник на судија во Основниот суд Скопје 1. На почетокот на летото, на предлог на Пендаровски беше избран во Советот и Миљазим Мустафа, со што претседателската квота во највисоката судска власт е пополнета.
Но, собраниската не е. Денеска Собранието му изгласа втор мандат во Судскиот совет од 6 години на Селим Адеми, како предлог на Собранието, откако со помош на гласовите од ВМРО-ДПМНЕ, тој доби зелено светло во собраниската Комисија за избори и именувања, која ја води Илија Димовски.
За разлика од овој предлог на ДУИ, предлогот на СДСМ Павлина Црвенковска, не доби поддршка во Комисијата, во која шест членови има ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ има 5, а ДУИ и Беса по еден. Тоа значи дека со месеци Судскиот совет ќе биде испразнет за едно место, кое е резервирано за предлог од Собранието.
С. К. ДЕЛЕВСКА