ПЕНДАРОВСКИ ЌЕ ГО ДАДЕ МАНДАТОТ ЗА ВЛАДА НА ТОЈ ШТО ИМА МНОЗИНСТВО ВО СОБРАНИЕТО

    ПЕНДАРОВСКИ ЌЕ ГО ДАДЕ МАНДАТОТ ЗА ВЛАДА НА ТОЈ ШТО ИМА МНОЗИНСТВО ВО СОБРАНИЕТОСе работи за доделување на мандат после истите парламентарни избори од лани, нови немаше. - Претседателот Стево Пендаровски (Фото:СДК.МК)

    Оставката на Зоран Заев од премиерската функција ги подгреа стравовите од долга политичка криза и неизвесност поради недореченоста во Уставот дали претседателот Стево Пендаровски треба да го довери мандатот за нова влада на оној кој ќе понуди мнозинство од 61 пратеник, како вчера да завршиле парламентарни избори? Или, по втората опција, сега автоматски да го даде на ВМРО-ДПМНЕ, втора партија по број на освоени пратенички места, бидејќи Заев и покрај мнозинството, се откажа од мандатот.

    Се работи за доделување на мандат после истите парламентарни избори од лани, нови немаше. Пендаровски вели дека ќе постапи согласно праксата од изминатите 30 години.

    „Претседателот на Република Северна Македонија, официјално не е информиран од претседателот на Собранието дека претседателот на Владата поднел оставка, што повлекува оставка на цела Влада. Кога ќе биде информиран за евентуално поднесена оставка,  претседателот, во рамките на уставниот рок од десет дена по извршени консултации ќе го додели мандатот за состав на Влада на партијата или партиите кои што имаат мнозинство во Собранието. Притоа претседателот како и досега во своите постапки ќе се води согласно установеното толкување на уставната норма во праксата во изминатите 3 децении“, одговори кабинетот на Пендаровски во за САКАМДАКАЖАМ.МК како ќе постапи во ситуацијава.

    Заев, синоќа по соопштувањето дека си дава оставка од премиер и од лидер на СДСМ по поразот на локалните избори, не кажа кога ќе ја поднесе официјално до претседателот на Собранието Талат Џафери, по што тој треба да го извести Пендаровски, за да почнат да се бројат всушност тие 10 дена за да го даде мандатот на тој што ќе обезбеди мнозинство од најмалку 61 пратеник во Собранието. Но, кажа дека ќе биде тука да помогне во одржувањето на сегашното парламентарно мнозинство, за кое рече дека ќе се зголеми.

    Неофицијално, попладнево тој ќе се консултира со партиите од актуелното владејачко мнозинство, од што ќе следат натамошните чекори.

    Во меѓувреме, не се знае кој ќе го наследи во партијата, во која негов заменик е директорката на УЈП Сања Лукаревска.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира