ПЕНДАРОВСКИ НАЈДОБРО ЗНАЕ КАКО МОЖЕ ДА СЕ ПРОДОЛЖИ РОКОТ ЗА НОВИ ЛИЧНИ ДОКУМЕНТИ, КАЖА КОВАЧЕВСКИ ЗА ПРЕДЛОГОТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ТОА ДА СЕ ОДЛОЖИ ДО СЕПТЕМВРИ

    ПЕНДАРОВСКИ НАЈДОБРО ЗНАЕ КАКО МОЖЕ ДА СЕ ПРОДОЛЖИ РОКОТ ЗА НОВИ ЛИЧНИ ДОКУМЕНТИ, КАЖА КОВАЧЕВСКИ ЗА ПРЕДЛОГОТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ТОА ДА СЕ ОДЛОЖИ ДО СЕПТЕМВРИПендаровски вчера кажа дека „мораме да ги заштитиме граѓаните – нема смисла хаосот со вадење нови документи да продолжи“. - Редица за сликање за пасош во пунктот на МВР во Скопје (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Димитар Ковачевски вели дека за него сите предлози се добри, откако вчера претседателот Стево Пендаровски ѝ предложи на Владата да се продолжи рокот за промена на личните документи до септември. Според актуелните законски прописи, до 12 февруари граѓаните мора да ги променат личните документи со нови со „Република Северна Македонија“, и тоа создаде хаос и огромни гужви за фотографирање во пунктовите на МВР, но и за подигнување на документите. Според Ковачевски, претседателот најдобро знае како може да се реши овој проблем, бидејќи учествувал во подготовката на Преспанскиот договор.

    „Првин ќе се консултирам со двајцата министри со кои разговарал претседателот. Сите предлози за мене се добри. Претседателот може да се сретне со претседателката на Грција, бидејќи сепак и тоа е нивото на кое може да се разговара. Ќе разговараме на седница на влада во однос на можноста ова да се направи. Претседателот Пендаровски најдобро знае бидејќи тој беше вклучен во подготовката на Преспанскиот договор, а при зачленувањето во НАТО беше координатор за НАТО и поради тоа има повеќе детали како би можело тоа да се реши на меѓународно ниво со Грција. Зошто да не“, кажа Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање на настан во скопски Сарај.

    Но, Ковачевски додаде дека можеби нема да биде едноставно да се направат законските измени во законите за лични карти и патни исправи, како што сугерираше Пендаровски.

    „Ова е обврска која произлегува од потпишан меѓународен договор, договор кој ни овозможи да се зачлениме во НАТО. Да видиме дали може да се направат законски измени. Да се направат законски измени без согласност на сите што се потпишани, а се работи за меѓународни документи не е така едноставно и прашање е дали е применливо. Сепак, ќе пробаме сè“, вели Ковачевски.

    Пендаровски вчера кажа дека „мораме да ги заштитиме граѓаните – нема смисла хаосот со вадење нови документи да продолжи“.

    „Прво, тоа е срамно понижување на македонските граѓани. И непотребно. Второ, ова го предложив на најмалку двајца министри во македонската влада – со брза интервенција во два закони – Закон за лична карта и Закон за патни исправи, и ако е потребно и Законот за безбедност во патниот сообраќај, тоа се прави во едно попладне, знаеме дека може да се направи во едно попладне, не мора со европско знаменце да биде. Ќе ги измениме тие два закони, ќе го пролонгираме рокот, наместо февруари да биде септември-октомври, претходно ќе ги известиме и Грците дека немаме намера да бегаме од обврските од Преспанскиот договор“, рече Пендаровски во интервју на ТВ Сител.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира