Кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски е победник на претседателските избори, откако вчера освои 436.212 (51,66%) гласови во вториот круг, според 100% од преброените избирачки места. Неговиот противкандидат, Гордана Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, освои 377.713 (44,73%) гласови. Неважечки ливчиња имаше 30.442 (3,61%).
Претседателот на Државната изборна комисија го прогласи Пендаровски за победник на претседателските избори.
„Му честитам на Стево Пендаровски на изборот и се надевам дека функцијата ќе ја извршува успешно“, рече Дерковски на синоќешната прес-конференција.
Тој рече дека вкупно на гласање излегле 46,44 отсто од граѓаните или 816.649 од вкупно запишаните 1.808.131 во Избирачкиот список и додаде дека изборите поминале во фер и коректна атмосфера, а до ДИК во текот на денот не пристигнале никакви забелешки за нерегуларности на избирачките места.
По прогласувањето на победата, Пендаровски кажа дека ќе биде претседател на сите и ќе ја води Северна Македонија кон ЕУ и НАТО.
„Излеговме од темното дно, ова е победа на обединување и заедништво. Јас ќе бидам претседател кој ќе обединува, а нема да делам, фактор на стабилност, а не на кризи. Ќе ја поддржувам Владата, но богами и ќе ја критикувам кога треба“, рече Пендаровски.
Силјановска-Давкова рече дека иако нејзиниот противкандидат победил, таа не ја изгубила битката.
„Победи противкандидатот, но не мислам дека јас како поединец и јас како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ ја загубив битката. Политиката во Македонија сè уште не е уметност, политиката овде сè уште е во рацете на политичарите“, изјави Силјановска-Давкова.