Поранешниот претседател Стево Пендаровски нема да користи претседателска пензија и ќе се врати на академската кариера. Од неговиот тим за државната агенција МИА потврдија дека Пендаровски се откажува од пензијата која што му следува со закон и ќе се врати на професорската позиција на Американ Колеџ во Скопје.
Според Законот за правата на претседателот и неговото семејство по престанок на функцијата, Пендаровски има право на пензија во износ еднаков со износот на платата што ја прима претседателот на државата, има право на канцелариски простор и најмногу три соработници. Има и право на лично обезбедување, како и право на користење службено возило и возач.
„Кaко поранешен претседател, Пендаровски нема да ја користи државната пензија која му следува по закон, затоа што веќе се врати на својата академска кариера како професор на Универзитетот Американ Колеџ во Скопје“, велат од неговиот тим.
Претставници на МВР ќе продолжат да го обезбедуваат поранешниот претседател во согласност со безбедносните проценки што ги прават.
Пендаровски ќе користи и канцеларија со тројца вработени од неговиот поранешен кабинет.
„Во однос на административната и логистичка поддршка која му е потребна за средбите со поранешни и актуелни државници и за учество на меѓународни конференции претседателот Пендаровски побара од државните институции повремено да користи канцеларија, но, бидејќи таква пракса и законски основ не постои, Пендаровски во иднина ќе го искористи правото да отвори канцеларија, каде што тројца од сегашните вработени во Кабинетот, ќе бидат ангажирани во поддршка на тие активности на поранешниот претседател“, додаваат од неговиот тим.
Правата кои произлегуваат од највисоката државна функција ги користат поранешните претседатели Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов.