Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска во Брисел на премиерот Зоран Заев официјално му ја врачи поканата за почеток на преговори за зачленување на Македонија, откако вчера за тоа одлука донесе Северноатлантскиот совет. Заедно со поканата, Столтенберг на Заев симболично му го подари и пенкалото со кое ја потпиша. Откако се фотографираа со поканата, Заев го бакна пенкалото, кое е од марката „паркер“ и е со сина боја иста како логото на НАТО.
„Ова е мојот избор за иднината на Македонија. За пораки испишани со љубов и обединување, а не за делби на нашиот пат. Го бакнав пенкалото затоа што со него е потпишана толку голема, историски важна одлука за мојата земја – покана за НАТО. За таа покана повеќе од 20 години се борат моите сограѓани и нашата Македонија. А пенкалото е постојаниот симбол на борбата и успесите на слободоумните и прогресивни наши граѓани од 2015 до сега. Со пенкало в рака се постигнаа сите успеси во Македонија во последните години, впрочем како што доликува на една демократска земја со јасни европски и евроатлантски перспективи“, го објасни гестот со пенкалото премиерот Заев за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Исто така, во чест настанот, Заев на реверот на палтото носеше значка со знамињата на Македонија и на НАТО.
На прес-конференцијата во Брисел заедно со владината делегација, Заев рече: „Ви реков дека ќе падне режим, падна ражим. Ви реков дека ќе станеме 30-та членка на НАТО, станавме. Пенкалото нè движи цело време нас. Режим срушивме со пенкало, еве денес го употребивме за покана во НАТО, а добивме и кандидатски статус за членство во Европската унија“.
Пенкалото е сувенир кој историски е врзан за аспирациите на Македонија за влез во НАТО. Во април 2008 на Самитот на НАТО во Букурешт Грција стави вето за влез на Македонија, а еден месец подоцна, на 7 мај, во Вашингтон Декларација за стратешко партнерство и соработка меѓу Македонија и САД потпишаа тогашниот министер за надворешни работи Антонијо Милошоски и државната секретарка Кондолиза Рајс.
По завршувањето на церемонијата во Стејт департментот Милошоски, иако не е колекционер на пенкала, ја праша Кондлиза „дали може да го задржам пенкалото?“. „Да, секако“ одговори таа.
Пенкалото беше ролербол марка „магнус“.
„Ова е значаен ден за државата, но и за мене лично и затоа сакам пенкалото да ми остане за спомен“, изјави тогаш Милошоски.
Г. ТРПЕНОСКИ