Градоначалникот на Валандово Перо Костадиновски, ексградоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев, пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска се нови потпретседатели на СДСМ. Тие доаѓаат на местата на Оливер Спасовски, Венко Филипче и Мила Царовска, кои си поднесоа оставки од функциите. На потпретседателска функција во партијата од стариот состав останува само вицепремиерот Фатмир Битиќи. Сања Лукаревска останува заменичка-претседател на партијата.
Овие одлуки беа донесени на денешната седница на Центарлниот одбор (ЦО), на која беше избрани и нови членови на Извршен одбор на СДСМ, како и секретари на партијата.
За генерален секретар е избран Миле Зечевиќ кој доаѓа на местото на Љупчо Николовски, додека Вангел Андрески, поранешен директор на ЈП „Паркинзи Општина Центар“, е назначен за организациски секретар. Бојан Маричиќ ќе биде секретар за меѓународна соработка. Формиран е нов Совет за имплементација на политики на чело со Игор Ивановски.
Во Извршниот одбор се Ана Данева Маркова, Мишко Ралев, Нина Фити Неделковска, Снежана Захариева, Даниела Колева, Милена Стефановиќ, Костадин Костадинов, Рената Јајоска, Мелиса Ценовска Серафимовска, Петре Шилегов, Дритан Исмаили, Тања Томиќ, Дарко Каевски, Андреј Петров, Ивона Кузмановиќ, Костадин Ацевски и Никола Рилак.
Централниот одбор му даде поддршка на лидерот Димитар Ковачевски да биде мандатар на новата Влада. Ковачевски кажа дека прва цел на новото раководство на партијата ќе биде да се состави нова Влада, која ќе биде избрана до средината на јануари.
„За мене е огромна чест и одговорност што денес од ЦО на СДСМ ја добив довербата да бидам мандатар на идната Влада. Тоа е предизвик кој сум подготвен да го прифатам и посветено да работам за да ја оправдам довербата. СДСМ ќе се реорганизира, ќе продолжи да се демократизира и модернизира. Партијата е отворена за вклучување на нови луѓе кои ќе ги одликуваат знаењето, чесноста и посветеноста на социјалдемократските вредности“, вели Ковачевски.
А. АНТЕВСКА