На новогодишната ноќ седум лица, од кои пет деца и двајца мажи во 50-ти години, добиле повреди на рацете од испукани петарди. На дел од нив поради сериозноста на повредите им биле ампутирани прстите.
„На Ургентниот центар беа примени три деца, на Детска клиника два деца, а на Клиниката за пластична хирургија двајца возрасни мажи. За жал, дел од нив имаа сериозни повреди, поради што мораше да им биде извршена ампутација на прстите“, рече министерот за здравство Азир Алиу.
Директорката на Клиниката за пластична хирургија Јасмина Ѓоргиевска-Павловска кажа дека изминатиот месец заедно со Министерството за внатрешни работи ја спровеле едукативната кампања „Кажи не на пиротехника“ низ училиштата за штетноста и сериозните повреди кои можат да ги добијат децата.
„Сметам дека оваа кампања даде резултати бидејќи имаме намалување на бројот на повредени. Кај нас на Клиниката беа примени двајца мажи, едниот на возраст од 58 години, кој му покажувал на внукот како се пука петарда, а вториот е 50-годишен маж, на кого му експлодирала петарда во раката додека ја земал од детето. И на двајцата им беше извршена ампутација на прстите“, рече Ѓоргиевска-Павловска.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кажа дека во 2025 се запленети 252.000 парчиња пиротехника, а лишени од слобода се 37 лица, за кои се поднесени 37 кривични пријави.
А. АНТЕВСКА



