ПЕТ СУДИИ ОД УПРАВЕН СУД 10 МЕСЕЦИ СЕ ПОД ИСТРАГА НА СЈО ЗА ИЗБОРНИ НЕРЕГУЛАРНОСТИ

a:1:{s:9:"td_source";s:45:"Скопје,(САКАМДАКАЖАМ.МК)

    ПЕТ СУДИИ ОД УПРАВЕН СУД 10 МЕСЕЦИ СЕ ПОД ИСТРАГА НА СЈО ЗА ИЗБОРНИ НЕРЕГУЛАРНОСТИ

    Специјалниото обвинителство ја нема завршено истрагата против петтемина судии од Управниот суд, кои се дел од првиот случај што го отвори ова обвинителство под кодно име „Титаник“ за серија изборни нерегуларности во 2013 година, пред, за време и по локалните избори таа година.
    На 12 февруари обвинителката Фатиме Фетаи рече: „Отворена е истрага и против пет судии на Управниот суд во Скопје и четири членови на Државна изборна комисија од 2013 година за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од КЗ. Извесно е дека истрагите ќе се прошируваат и нема да биде поштеден никој кој дејствувал на криминален начин“.
    Јанева во интервју за МРТВ потврди дека предистражната постапка за изборни нерегуларности е во тек и тоа на почетокот на октомври кај претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски предизвика жестока реакција:
    „Особено иритира изјавата на Јанева дека се води постапка за судии од Управниот суд. Тоа е конкретно напаѓање на еден суд и директно е рушење на угледот на тој суд и на целото судство. Многу граѓани имаат предмети пред тој суд. Да кажете за некои судии се води постапка, без да кажете за кои, за колкумина, дали за сите се води, имајќи го предвид функционалниот имунитет што го имаат судиите, е крајно неетичко, нецивилизирано и некултурно така да се изјави. Во нашата судиска и обвинителска етика стои дека тоа што сме го добиле како доверлив материјал за работа, можеме да го користиме само при извршување на работата, а не на интервјуа да се фалиме дека нешто за некого знаеме“.
    На ова обвинителката Ленче Ристоска на прес-конференција на Караџовски му одговори:
    „За Специјалното јавно обвинителство повикувањето судии на разговор не е начин за вршење притисок врз судиите. Против одредени судии отворена е истрага, не против сите судии во Управниот суд, и тие се повикани да дадат изјава во своја одбрана. Не се согласувам дека со нашето работење вршиме притисок, оти за нас сите се невини додека не се докаже спротивното. И други судии беа под истрага, а Судскиот совет немаше забелешки“, рече обвинителката Ристовска.
    Таа тогаш додаде дека секоја индивидуа што работи во државна институција, па и во судството, не е изземена од истрага каде што има основани сомневања против неа за сторени кривични дела.
    Случајот „Титаник“ според опфатот е голем, опфаќа голем број осомничени функционери и е се уште во предистражна постапка. СЈО не одговара на прашањата дали истите судии кои биле викнати таму на распит, ќе решаваат по жалбите и на последните избори, кои се одржаа минатата недела, бидејќи, како што велат, случајот се уште е во предистражна постапка.
    Кога го објави „Титаник“, кој е прв случај што го отвори СЈО, тогаш Фетаи кажа дека отворена е истрага и против членови на општинската изборна комисија во Чаир, затоа што постои основано сомнение дека сториле кривично дело Изборна измама, со оглед дека во записниците од извршеното гласање за градоначалник на општина Чаир во 2013 година извршиле преправање на резултатите и против едно лице од комисијата исто така е поднесен предлог за определување на мерка притвор поради опасност од влијание врз сведоците и соучесниците.

    Управниот суд денеска и утре треба да решава по жалбите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за одлуките на Државната изборна комисија по приговорите на СДСМ и Беса за изборите на 11 декември. СДСМ поднесе четири жалби, а ВМРО-ДПМНЕ една.

    С. К. Делевска

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира