Поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев вели дека нема никаква основа да му биде ограничен влезот во САД, откако денеска Стејт Департментот го прогласи за непожелна личност во САД.
Во соопштение по денешното означување од Стејт Департментот, Анѓушев, кој е сопственик и главен извршен директор на групацијата Феро Инвест и БРАКО, вели дека четири години по неговото самоиницијативно повлекување од Владата, нема никаков судски процес за било кој сегмент од неговото работење, од причини што за тоа нема никакви основи. Понатаму тој вели дека вработува 1.000 луѓе во Македонија и додека бил вицепремиер, неговите фирми бележеле само пад и загуби, што е регистрирано и во државните финансиски служби.
„Јас имам фирми во Велика Британија, Германија, Холандија и во САД, и сум американски даночен обврзник, односно јас плаќам данок во Соединетите Американски Држави и сум партнер и соработник со значајни економски субјекти и личности во САД. Додека служев како вицепремиер во македонската Влада силно се залагав и работев за зачленување на земјата во НАТО, го поддржував зачленување во ЕУ, и ги поддржувам и сега сите активности кои се преземаат во тој правец. Силно ги негирам сите сомневања изразени во документот објавен од почитуваниот Стејт Департментот и сакам да известам дека ќе ја обжалам одлуката и ќе ги искористам сите правни лекови наведени во самиот документ во правец на повлекување на оваа одлука, која ја сметам за непотребна во рамките на заложбите на нашите пријатели, Соединетите Американски Држави, за борба против корупцијата“, се вели во соопштението на Анѓушев.
Американскиот Стејт Департмент денеска го прогласи поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев за непожелна личност во САД поради, како што се вели во соопштението, негово учество во значителна корупција.
Од Стејт Департментот велат дека како вицепремиер Анѓушев ја злоупотребил својата позиција за корист на своите приватни бизнис интереси, поткопувајќи ја довербата на македонската јавност во владините институции. Анѓушев беше вицепремиер за економски прашања од 1 јуни 2017 до 3 јануари 2020, во владата на Зоран Заев.