Претседателот на Собранието Талат Џафери држеше монолог на седницата вечерва, видно изнервиран што нема кворум за работа. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ чекаа пред салата и бараа од него да ја прекине 32. седница и да ја почне 36. седница, на која на дневен ред се законите од петтиот пакет економски мерки.
Тоа е неприфатливо за Џафери, кој смета дека пратениците не смеат да поставуваат такви ултиматуми и да бираат на која седница ќе присуствуваат, туку се обврзани присуствуваат на седниците, ако веќе се потпишале дека дошле на работа и бараат да им се исплатат патни трошоци.
„Цел ден ми тупите овде со медиумите, Талат, Талат, Талат… Еве ви го Талат. 101 пратеник се потпишани овде, ќе земете патни трошоци. Четири години ве бранам дека тоа не е така, но сами си се удирате од глава и не се вразумувате. Не може да ве викам секој ден тука, да плаќаме патни трошоци за 100 пратеници, а на седница да има 50 пратеници, 58, 59 пратеници. Зошто? Зашто така решил извршниот комитет на некоја партија. Ќе почекаме да оздрават пратениците од мнозинството, па ќе ги донесеме законите“, вели Џафери.
На 32. седница меѓу другото, треба да се донесе и Националната стратегија за борба против корупцијата 2021 до 2022 година и да се поминат уште 20 точки.
„Тројца пратеници се во болница. Позитивни се. Како не ви е срам, за борба за живот збориме. Цел ден сте во ГТЦ, се потпишавте за патни трошоци. Граѓаните чекаат да земат плата, аман влезете!”, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски.
Додека Џафери се нервираше, како единствен присутен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, координаторот Никола Мицевски довикуваше кон Џафери од местото.
„Немој да викаш кон мене, три саата ме тупиш овде со процедурални забелешки, како не се засрами!”, викаше Џафери.
И немој да викаш немате парички, му одговори на Мицевски, кој му се обраќаше од пратеничката клупа.
„Тие парички треба да им ги дадеме на граѓаните, за да нè платат мене и тебе”, викаше Џафери.
Уште пет пати ги повика пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои беа пред вратата и чекаа да влезат, ама само за 36. седница. На крајот, кога не успеа да ги внесе, ја прекина работата на Собранието.
Се закани дека ќе разговара Собранието да биде ставено во карантин, бидејќи има заразени пратеници со коронавирус и високи бројки, воопшто во државата.
„Како нема пратеници, има 100 пратеници во моментов во Собранието”, довика некој од ВМРО-ДПМНЕ.
„Не знам, јас тука гледам 50-тина”, рече Џафери, го исклучи микрофонот и си замина.
С. К. ДЕЛЕВСКА