После 11 години ажурирана е есенцијалната листа на лекови, претходната листа е од 2015, кажа денеска министерот за здравство Сашо Клековски. Листата е обновена преку Националната платформа за лекови, во соработка со институциите, стручната јавност, организациите на пациенти, а технички беше поддржана од Светската здравствена организација (СЗО).
Клековски појасни дека дека есенцијалната листа е листа на лекови кои се неопходни да бидат достапни на здравствените работници во третманот на најширок можен дијапазон на болести. Таа е водич за докторите, за фармацевтската индустрија, кои лекови се неопходни да бидат достапни во земјата и кои лекови лекарите треба да ги земаат во предвид при правењето на нивните упатства, протоколи за лекување.
„Оваа листа имаше потреба да биде ажурирана претходно, бидејќи во овие 11 години Светската здравствена организација има направено неколку поголеми промени на својата листа. Всушност, потребата за ажурирање на оваа есенцијална листа е заснована од ажурирањето на есенцијалната листа на Светската здравствена организација. А што е ново во листата? Таа е систематизирана во 28 терапевтски области, дефинирана во подгрупи, фармацевтски форми итн. Ново не е само што имаме 109 нови лекови (активни супстанции) на оваа листа, од вкупно 372 лека кои се на оваа листа, туку новина е дека е сменет и терапевтскиот пристап. Воведени се патишта за можни замени на постојните лекови и воведени се неколку позначајни новини:
Прво, кај антибиотиците се поделени во три групи: антибиотици со широк пристап, антибиотици под надзор и резервни антибиотици. Ова е основа за воспоставување на стратегијата за борба за рационална употреба на антибиотиците и борба против резистенцијата на антибиотици, и претставува значајна измена и придонес кон јавното здравје“, рече Клековски на прес-конференцијата.
Воведени се нови терапевтски области кои недостасувале во 2012: за мултипла склероза, мијастенија гравис, цистична фиброза, современа терапија за ХИВ, за хепатитис Б и Ц, онколошки терапии, поточно, терапии кои воопшто не биле предвидени во листата од 2012 година.
Третата значајна новина се терапевтските алтернативи, односно, востановени се јасни патокази што треба да се направи кога одреден лек не е достапен и која е негова адекватна замена.
„И четврто, воведена е превенција. На пример, во есенцијалната листа за првпат се воведува заменска терапија за никотин. Ова е една измена која треба да ве поттикне да почнеме да размислуваме превентивно на ракот на белите дробови, кој е една од водечките причини во превенцијата и борбата против ракот“, додде тој.
Министерот потенцираше дека есенцијалната и позитивнита листа на лекови се две различни листи, однонсно, есенцијалната листа на лекови ги опфаќа лековите што треба да ги има во земјата, кои докторите, здравствените работници треба да ги земаат во предвид во градењето на упатствата и протоколите, меѓутоа не се неизбежно дел од позитивната листа, кој е посебен процес за проширување на нови лекови по пристапност на граѓаните.
„Овој процес е различен, меѓутоа есенцијалната листа е водич за следно проширување на позитивната листа. Логиката на следно проширување на позитивна листа е да направиме што е повеќе за пристапноста на лекови кои се на есенцијалната листа, бидејќи се тие неопходните за третман на болестите.
Ова ми беше важно разграничување да не направиме збрка во тоа дека ќе има 170 нови лекови на позитивната листа. Есенцијалнаталиста е е веќе објавена во Службен весник“, кажа Клековски.
Б. НЕСТОРОСКА



