Македонскиот државјанин осуден за убиство Ацо Боцевски, познат под прекарот Циганот, кој беше во бегство 27 години, е уапсен во грчкиот град Катерини, потврди МВР. Од полицијата велат дека денеска нивните грчки колеги ги извесиле оти го уапсиле Боцевски, веќе 60-годишен.
„Денеска (26.05.2025) од страна на грчката полиција сме известени дека го лишиле од слобода Ацо Боцевски кој беше баран со меѓународна потерница по наредба на Основен суд Скопје І од 30.06.1998 година за издржување казна затвор во траење од 15 години за извршено кривично дело по член 123 (убиство) од Кривичниот законик на РСМ“, велат од МВР.
Боцевски беше осуден за убиство на Сеат Ибраими, извршено среде бел ден во ноември 1997 во центарот на Скопје. На убиството му претходела кратка автомобилска брканица низ скопските улици, по што Ибраими, возејќи „мерцедес“, излетал од патот во близина на зградата на осигурителната компанија „Кјуби“ на улицата 11 Октомври. Боцевски, кој возел „корвета“, застанал зад него, излегол од возилото, и ладнокрвно го застрелал Ибраими со повеќе истрели, испразнувајќи цел шаржер од пиштолот.
Иако беше осуден, Боцевски побегна откако му беше дозволен домашен притвор, и со години успешно го избегнуваше органите на прогонот. За него е распишана една од најстарите меѓународни потерници на МВР. По бегството, Боцевски извесно време се криеше во Србија, каде и јавно се појавуваше пред телевизиските камери заедно со ликови од белградското подземје за време на бомбардирањето на земјата од НАТО во 1999.
Со неговото апсење, се очекува екстрадиција во Македонија, каде треба да ја издржи затворската казна.