ПО ИВАНОВ, СЕГА БЕСА ЈА КОЧИ НОВАТА ВЛАДА

    ПО ИВАНОВ, СЕГА БЕСА ЈА КОЧИ НОВАТА ВЛАДАМандатарот Зоран Заев по организираниот напад во Собранието на 27 април, кога претрпе повреди на главата. Пратениците на Беса си заминаа од Собранието пред да почне нападот. (Фото: О. Теофиловски за Ројтерс)

    Има уште многу работа за формирање на нова стабилна влада. Иако најавено, може мнозинството да не стигне да ги договори сите детали за новата влада до конгресот на СДСМ на 27 мај. Извори од мнозинството за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека преговорите на лидерот на СДСМ и мандатар Зоран Заев запнале со Движењето Беса, а со другите коалициони партнери на СДСМ, ДУИ и Алијансата за Албанците, биле договорени распределбата на ресорите и интензитетот на спроведување на владината програма.

    Заев го доби мандатот за состав на влада од претседателот Ѓорге Иванов на 17 мај, речиси три месеци откако на крајот од февруари му ги достави на Иванов 67-те потписи како доказ дека има мнозинство во Собранието, а од изборите на 11 декември поминаа пет и пол месеци.

    Мандатарот Заев настојува да се договори и со Движењето Беса за да има стабилно мнозинство од 67 пратеници. Лидерот на СДСМ Зоран Заев по средбата со Високата претставничка на ЕУ Фредерика Могерини во Брисел изјави дека со Беса уште не стигнале да разговараат за кадрите, се разговарало за ресорите, вкупниот број, пропорциите и одговорноста.

    Извори од мнозинството за САКАМДАКАЖАМ.МК, пак, изјавија дека ресорите се договорени, но, проблем бил големиот анимозитет меѓу ДУИ и Беса.

    „Ако влезат Беса во владата, тогаш ресори нека им даде Заев од тие предвидени за СДСМ. Немаме намера да им отстапиме наше министерство. Ако ги сака СДСМ Беса во влада, нека отстапат нивен ресор“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК. високи извори од ДУИ.

    Од Беса, за да ја поддржат новата влада, бараат од СДСМ во владата да нема осомничени лица и да се вклучи декларацијата што ја потпишаа албанските партии во Македонија во владината програма. За СДСМ неприфатливо е нивното барање за редефинирање на државата. Беса како што дознаваме не остапуваат од нивните принципи.

    Додека Беса засега не попушта, лидерот на ДУИ Ахмети завчера ретерираше за применување на заедничката декларација на Албанците. Ахмети изјави дека во владината програма нема да биде целосно вклучена заедничката платформа на Албанците, туку само најважните точки: Интеграција на Македонија во НАТО и во ЕУ и спроведување на итните реформски приоритети.

    Лидерот на СДСМ и мандатар за состав на влада Зоран Заев изјави дека очекува на почетокот на идната недела Македонија да добие нова влада.

    „Сите лидери заклучивме дека ќе се обидеме до крајот на неделата да го доставиме предлогот за влада во Собранието. Луѓето очекуваат резултати, очекуваат подобрувања, започнување на реформите. Согласно Деловникот, дебатата во Собранието трае 48 часа тоа значи дека на почетокот на следната седница би требало да има нова влада“, изјави лидерот на СДСМ Зоран Заев завчера во Брисел.

    Г.ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира