ПО ИЗЛЕГУВАЊЕ ОД ПРИТВОР СЕ ВИДОВ СО АХМЕТИ И СЕ ЧУВ СО БЕЈТА, МЕЏИТИ И ЖИКА СТОЈАНОВСКИ, РЕЧЕ ФЕЈЗИ АЗИРИ, ОБВИНЕТ ВО „МОНСТРУМ“

    ПО ИЗЛЕГУВАЊЕ ОД ПРИТВОР СЕ ВИДОВ СО АХМЕТИ И СЕ ЧУВ СО БЕЈТА, МЕЏИТИ И ЖИКА СТОЈАНОВСКИ, РЕЧЕ ФЕЈЗИ АЗИРИ, ОБВИНЕТ ВО „МОНСТРУМ“Обвинетиот во „Монструм“ Фејзи Азири (средина) кажа дека по излегувањето од притвор се сретнал со Али Ахмети за партиски работи. (архивска фотографија)

    По едночасовното сведочење на Агим Исмаиловиќ, третообвинет за убиството на четирите деца и рибарот кај Смилковското езеро на 12 април 2012 година, три часа сведочеше Фејзи Азири, кој е обвинет за транспортирање на двајцата главни обвинети во Косово.

    Азири денеска кажа дека по излегувањето од притвор се сретнал со Али Ахмети за партиски работи, а по телефон повеќе пати контактирал со градоначалниците Невзат Бејта, Жика Стојановски, Изет Меџити и со пратеникот Мухамед Зеќири од СДСМ.

    Зборувале за субвенции во земјоделието со кое се бавел Азири и за да не го малтретираат во затворот Штип, каде сè уште е на издржување затворска казна за жестока престрелка во неговата фарма во Белимбегово. Азири бил концесионер на парцела и дел од Смилковското езеро кога се случи убиството.

    На обвинителите од СЈО Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски им падна во очи што Азири во минута се сеќава што правел деновите кога се случил масакрот и кога бил апсен и притворен, а е конфузен за 26 април таа година, кога избегале првообвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ.

    Тие се избегани од кај селата Малина Маала и Танушевци, преку преминот Кодра Фура, во чија близина беше најден „опел омегата“, со која според обвинението, тие ја напуштиле Македонија.

    Азири потврди дека дента контактирал со Алил Демири, за да му плати што товарал трупци за него. Го оставив на 26-ти во Арачиново, рече тој, и отидов кај познаник во Брест да договорам да ги пренесам во планина.

    И тука Азири кажа како првин синот на познаникот го барал да му донесе џип, ама бил во Косово, па морал да направи интернационален повик за тоа, а не за нешто друго, па потоа како дошол, па му дал џип за тешко пристапниот терен, но нејќел да отиде со него, па морал сам да замине до бачилото на планина и сам да се врати.

    За 26-ти не се сеќаваше Азири точно на случките како за деновите кога било убиството и кога бил апсен, па Бубевски уште еднаш му ги постави истите прашања од Фетаи, но со поголема брзина, со што го збуни Азири.

    Судењето со сослушување на преостанатите двајца обвинети е закажано за 23. мај во 10 часот.

    СК. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари