ПО ЦЕЛОДНЕВНИ ПРЕТРЕСИ И ПРИБИРАЊЕ ДОКАЗИ, ПРИВЕДЕН Е БИЗНИСМЕНОТ РАТКО КАПУШЕВСКИ

    ПО ЦЕЛОДНЕВНИ ПРЕТРЕСИ И ПРИБИРАЊЕ ДОКАЗИ, ПРИВЕДЕН Е БИЗНИСМЕНОТ РАТКО КАПУШЕВСКИТој е генерален директор на фирмата РКМ за трговија со енергенси и нафтени деривати и е добитник на тендер за снабдување на ТЕЦ „Неготино“ со мазут (Фото:Фејсбук)

    МВР и Обвинителството за организиран криминал и корупција денеска вршеа претреси на повеќе локации во врска со нелегална набавка на деривати, а според неофицијални информации приведен е бизнисменот Ратко Капушевски.

    Тој е генерален директор на фирмата РКМ за трговија со енергенси и нафтени деривати.

    Неофицијално, приведен бил и Асмир Јахоски, сопственик на компанијата „Пуцко петрол“, но за негово апсење речиси да нема потврда.

    Бидејќи цел ден официјално не се кажува што направиле полицијата и обвинителството по претресите и се остава новинарите да нагаѓаат, САКАМДАКАЖАМ.МК праша во Основниот кривичен суд Скопје откај што се издадени наредбите за претрес, дали можеби вечерва некое приведено лице е донесено пред судија на претходна постапка.

    Кривичниот суд ни одговори дека досега обвинител не донел приведено лице пред судијата на претходна постапка. Обвинителството најавува информација за денешната акција за утре, вторник.

    „Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција при Бирото за јавна безбедност, МВР во координација со ОЈО ГОКК по наредба на судија на претходна постапка врши претреси на локации во Скопје и низ државата во врска со сторени кривични дела поврзани со сомнителни набавки на деривати, штета од големи размери за буџетот на државата и штета врз здравјето на луѓето“, кажа денеска МВР.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира