ПОБЕДУВАМЕ ВО 30 ОПШТИНИ, ЌЕ ИМАМЕ ПОВЕЌЕ ГРАДОНАЧАЛНИЦИ ОД ВМРО-ДПМНЕ, КАЖА ЗАЕВ

    ПОБЕДУВАМЕ ВО 30 ОПШТИНИ, ЌЕ ИМАМЕ ПОВЕЌЕ ГРАДОНАЧАЛНИЦИ ОД ВМРО-ДПМНЕ, КАЖА ЗАЕВ„Нема да дозволиме на некого земјата да ја враќа земјата назад, злото се заканува“, изјави Заев. (Фото: СДК.МК)

    Лидерот на СДСМ Зоран Заев кажа дека победуваат или имаат убедливо водство во 30 општини, плус Град Скопје, а во втор круг одат во 36 општини, на прес-конференција по локалните избори. Заев тврди дека на крајот ќе имаат градоначалници во повеќе општини во споредба со ВМРО-ДПМНЕ.

    „Нема да дозволиме на некого земјата да ја враќа назад. Во вториот круг ќе се обединиме со сите коалициони партнери, бидејќи злото се заканува. Јас сум сигурен дека со нивните гласови СДСМ ќе победи во повеќе општини плус Град Скопје во вториот круг”, рече Заев.

    „Кочи Мицко, вториот круг е пред нас. Убеден сум дека ќе имаме повеќе градоначалници и со тоа нема да има дилема кој е победник на овие локални избори“, одговори Заев прашан за најавите од опозицијата за предвремени парламентарни избори или ново мнозинство во Собранието.

    Заев објаснуваше дека нивни коалициони партнери настапиле самостојно и кога ќе се соберат тие гласови, убеден е дека ќе имаат повеќе гласови. Вели и дека прогресивната коалиција ќе има повеќе гласови.

    „Во Битола, на пример, ги минусирате гласовите на ЛДП, или пак во Шуто Оризари или Куманово. На крајот на изборите ќе ги сумираме гласовите“, кажа Заев.

    Одговарајќи на новинарско прашање зошто во голема мера имаат помалку градоначалници и гласови за разлика од локалните избори во 2017, Заев кажа дека било очекувано да имаат помал број гласови.

    „Секако дека очекувавме оти нема да бидат истите резултати како во 2017. Оваа власт носеше тешки одлуки, бевме тука, не отстапувавме, граѓаните одлучуваат, а оваа шареноликост се должи на демократијата и слободата која ја немаше во време на претходната власт“, кажа Заев.

    На прашањето дали ќе побара предвремени парламентарни избори, рече дека ќе ги причека конечните резултати од вториот круг.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира