Почина професорот и поранешен министер за финансии, д-р Јане Миљоски. Имаше 70 години. Ќе биде пoгребан во вторник во Скопје во 10.30 часот на Градските гробишта Бутел. Последниот поздрав кон починатиот ќе биде во капела од 9.30 до 10.30 часот.
Проф. Миљоски во економските кругови ќе остане запаметен како татко на приватизацијата и на денационализацијата – тој беше министер во првата, експертска Влада на самостојна Македонија, чиј што премиер Никола Кљусев го овласти да го подготви концептот за трансформација на општествената сопственост и нејзина приватизација. Во првата политичка Влада беше вицепремиер и министер за финансии. Во тоа време еден кус период беше и потпретседател на СДСМ.
Миљоски предаваше на Правниот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, а потоа беше ректор на приватниот „Њујорк колеџ“.
Познат беше како голем љубител на џез-музиката со голема џез колекција. Кон крајот на 80-те беше дел од групата млади интелектуалци кои беа ангажирани во демократизацијата на земјата, воведување парламентарна и демократија и либералната пазарна економија. Татко му Кирил Миљовски беше член на МАНУ, а мајка му Деса беше универзитетски професор.