ПОЧИНА ПОСЛЕДНАТА ПАРТИЗАНКА ОД СКОПЈЕ, НАПИША БЕЛГРАДСКА „ПОЛИТИКА“ ЗА МАЈКАТА НА ВИЛМА РУСКОВСКА

    ПОЧИНА ПОСЛЕДНАТА ПАРТИЗАНКА ОД СКОПЈЕ, НАПИША БЕЛГРАДСКА „ПОЛИТИКА“ ЗА МАЈКАТА НА ВИЛМА РУСКОВСКАВесникот ја цитира Драга (мајка на обвинителката Вилма Русковска), што кажала во интервјуто што го снимиле лани, за 95. роденден (Фото: Принтскрин од „Политика“)

    Белградскиот весник „Политика“ во денешниот број објави текст „Револуција како судбина“, со кој се збогува со партизанката Драга Русковска, која минатата недела почина во Скопје на 96-годишна возраст.

    Освен општа вест во еден медиум, за Драга Русковска во Македонија немаше ин мемориам, иако, таа можеби е една од неколкуте преостанати членови на Сојузот на борците, кои беа живи.

    „Последната партизанка од Скопје, учесничка во Народно-ослободителната војна на Сремскиот фронт, почина неодамна во Скопје. Последното интервју Драга Русковска го даде пред година дена, на својот 95. роденден, а нејзините зборови за ‘Политика’ ги забележа нашиот специјален дописник Жељко Шајн, кои нè потсетија на херојство, храброст и на бескомпромисната борба за зачувување на идеалите“, пишува денешна „Политика“ и цитира од интервјуто со партизанката Русковска кое таа лани го дала за весникот.

    Драга Русковска во интервјуто кажала дека кога почнала војната, нејзините пријатели кои студирале во Белград, се вратиле во родниот Штип. Како припадници на СКОЈ, со себе ги донеле идеалите на комунизмот. На тајните состаноци и таа се зачленила во СКОЈ (Сојузот на комунистичката младина на Југославија), извршувала задачи.

    Македонија тогаш беше под бугарска окупација. Во 1943 година, нашата ќелија беше откриена и сите завршивме во (бугарски) затвор во Скопје. Тоа беше тежок период, бевме мачени, физички и психички секој ден. Кога беше убиен бугарскиот цар Борис, нè амнестираа нас кои бевме малолетни. Се вратив во Штип. Сепак, по неколку месеци, ја формиравме 14. Македонска младинска ударна бригата. Така и тргнав во Партизани. Со Бригадата учествувавме во ослободувањето на повеќе градови, меѓу кои беше и Скопје. Во меѓувреме, Бугарите ја сменија страната, но главниот штаб на НОВ на Македонија, не дозволуваше да учествуваат во ослободување на некој македонски град. До крајоот на 1944 година, со крвава борба на партизанските единици, беше ослободена цела Македонија“, пренесува денеска „Политика“ што кажала оваа партизанка за нивниот весник лани во интервју.

    Ние, поради тоа што војната сè уште не била завршена, Бригадата на Драга Русковска , чиј командант бил Боро Чаушев, добила наредба да тргне кон Белград, па оттаму, на Сремскиот фронт.

    Во февруари 1945 година добивме наредба да тргнеме за Белград. До Врање одевме пешки, а од Врање до Белград со товарни вагони. Беше многу студено. Во Белград го наушив курсот за шифранти, по што заминавме за Срем. Не можам да го заборавам изразот на лицето на сите нас кои дојдовме од Македонија. Нигде дрво, нигде камен, значи докај што гледа окото, само рамнина. Ни дадоа ашови да копаме ровови. Беше исклучително тешко да се смести герилата во рововите. Се боревме заедно со Личката дивизија. Беа многу горди дека го спасиле Тито во Дрвар. Тогаш првпат слушнавме и за офанзивите на Неретва и на Сутјеска“, е цитат од интервјуто на партизанката Драга Русковска, која на Сремскиот фронт била ранета во стапалото.

    Борката Русковска е мајка на обвинителката за гонење на организаран криминал и корупција Вилма Русковска. Таа за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека толку немало никој во Сојузот на борците да дојде и да ја испрати на погребот во четвртокот, што морала таа да напише за нејзината младост по фашистичките затвори, но и за храброста и пожртвуваноста во ослободувањето на Македонија и на делови од Југославија на погребот, место некој од Сојузот.

    Вилма Русковска вели дека жали што нејзината мајка првоборец од НОБ била незабележана и од државата.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира