ПОЧИНА РАТКА ДИМИТРОВА, ПРАТЕНИЧКА ОД ПРВИОТ СОСТАВ НА СОБРАНИЕТО

    ПОЧИНА РАТКА ДИМИТРОВА, ПРАТЕНИЧКА ОД ПРВИОТ СОСТАВ НА СОБРАНИЕТОРатка Димитрова беше координатор на првата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ во Парламентот од 1991-1994 година - (Фото: СДК.МК/архивска фотографија)

    Почина Ратка Димитрова, виолинистка и пратеничка од првиот состав на Собранието, пoтврди семејството. Имаше 80 години.

    Димитрова беше координатор на првата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ во Парламентот од 1991-1994 година. Имаше богата кариера како виолинистка со бројни концерти во Македонија и низ светот, а беше и професорка на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Родена е во Скопје. Дипломирала на Факултетот за музика во Љубљана, магистрирала на Конзерваториумот „Петар Илич Чајковски“ во Москва.

    Таа е мајка на досегашниот министер за надворешни работи Никола Димитров и сопруга на ексминистерот за култура и професор Димитар Димитров.

    Во омажот на мајка си, министерот Димитров на официјалниот профил на Фејсбук напиша дека „Ратка беше моторот на Димитрови“.

    „Беше полна со љубов, грижа и чиста енергија, Ратка, моторот на Димитрови. Ведрина, радост и бодрење, поткрепа даваше широкоградо, на толку многу луѓе. Македонските маки ги доживуваше како да се нејзини лични. Го береше гајлето на нацијата. Блескаше што и да фатеше, од фамилијата, па животниот повик – музиката, до општото, каде имаше само идеали и една чудесна и чиста наивност, толку многу потребна во политиката денес. Синоќа, во последниот повик до татко ми, на крајот го прашала каков бил денот во Собрание. Со чувство на бескрајна благодарност, исконска љубов и огромна тага, да ти биде светол патот мајко моја јунак! Се гордеам што сум твој син“, објави Димитров.

    За многумина, сликата за прогласувањето независна Македонија е врзана со Димитрова, како го води орото што се играше пред Собрание на 8 септември 1991 ноќта, кога излегоа резултатите од референдумот за осамостојување. За тоа како ја памети таа вечер Димитрова во интервјуто за САКАМДАКАЖАМ.МК по повод 25-годишнината од осамостојувањето на Македонија објавено на 6 септември 2016, меѓу другото кажа:

    „На свеченоста во кристалната сала, нè изненадија тапани и зурли, не турбо-фолк туку автентични мајстори на својот занает. Нè дигнаа сите на нозе и спонтано се фативме за оро. Сакајќи да се радуваме сите заедно, играјќи по скалите, полека излеговме пред Собрание. Тамy нè пречека спонтано насобраниот народ – тие години никој никого не присилуваше на собирање ! Како што мавтав со една салфетка со десната рака, некој од грбот ми го даде државното знаме. Веејќи го продолживме да играме. Орото стана огромно! Не ја чувствувавме земјата под нозе“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира