НАРОДОТ ПОКАЖА ПОГОЛЕМА ЗРЕЛОСТ ОД СИТЕ НАС ЗАЕДНО ВО СОБРАНИЕТО, ВЕЛИ РАТКА ДИМИТРОВА, ПРВ КООРДИНАТОР НА ВМРО-ДПМНЕ

    НАРОДОТ ПОКАЖА ПОГОЛЕМА ЗРЕЛОСТ ОД СИТЕ НАС ЗАЕДНО ВО СОБРАНИЕТО, ВЕЛИ РАТКА ДИМИТРОВА, ПРВ КООРДИНАТОР НА ВМРО-ДПМНЕРатка Димитрова беше координатор на првата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ во Парламентот од 1991-1994 година - (Фото: СДК.МК)

     

    25god

     

     

    Со интервјуто со Ратка Димитрова, која беше координатор на првата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ во Парламентот од 1991-1994 година, САКАМДАКАЖАМ.МК ја почнува серијата прилози посветени на 25-годишнината од осамостојувањето на Македонија. Во текот на месецов ќе следат интервјуа со пратеници и функционери од првиот состав и други јавни личности, фотогалерии и видеа од историските настани за осамостојувањето на државата.

    – За многумина, сликата за прогласувањето независна Македонија е врзана со вас – како го водите орото што се играше пред Собрание на 8 септември ноќта, 1991, кога излегоа резултатите од референдумот за осамостојување. Како вие ја паметите таа вечер?

    – Предреферендумското време беше тешко и загрижувачко. Владееше молк, како референдумот да беше табу-тема, без изјави на првенците и без кампањи. Ние пратениците се самоорганизиравме (ВМРО И СДСМ sic! заедно) и успеавме последната недела да излепиме низ целата земја една скромна плаката со две ударни букви „ЗА“ – тоа беше целата кампања. И на 8-ми септември пукна таа бомба. Народот во огромен процент гласаше за самостојна, независна, своја држава. Народот покажа поголема зрелост од сите нас заедно во собранието.

    На свеченоста во кристалната сала, нè изненадија тапани и зурли, не турбо-фолк (заштитниот знак на оваа власт) туку автентични мајстори на својот занает. Нè дигнаа сите на нозе и спонтано се фативме за оро. Сакајќи да се радуваме сите заедно, играјќи по скалите, полека излеговме пред Собрание. Тамy нè пречека спонтано насобраниот народ – тие години никој никого не присилуваше на собирање ! Како што мавтав со една салфетка со десната рака, некој од грбот ми го даде државното знаме. Веејќи го продолживме да играме. Орото стана огромно! Не ја чувствувавме земјата под нозе. Но…уви…што би рекле Русите, последниве години, во ситуациите во кои западнавме, тешко ми е и со тегоба се сеќавам на тој ден.

    – Дадовте поддршка на Шарената револуција. Во говорот рековте: „Ако ме прашате зошто тогаш, како човек од уметноста, културата, влегов во Парламентот и станав политичар, ќе би кажам дека целта беше да се борам против едноумието. Пред 25 години влегов во Парламентот за на избори да ја донесеме слободата, а сега дојде време од улица да се вратиме во Парламентот за да ја вратиме слободата. Нема правда, нема мир“. Што е клучната разлика меѓу Македонија во чие формирање вие учествувавте и оваа сега, 25 години подоцна?

    – Шарената револуција е разнородна по состав. Не сум сигурна дека на сите ќе им се допаднат причините поради кои се согласив да бидам кандидат на ВМРО-ДПМНЕ  во 1990 година, како на пример недостатокот на достоинство и самопочит кај мојот народ кој, за разлика од другите, самиот се нарекуваше југословенски повеќе отколку македонски; немањето почит кај нашите челници кон илинденците и Гоце Делчев (Лазар Колишевски во првата посета на Прилеп, уште во илегала). Големиот сѐ уште неразјаснет и неокајан грев на таа власт кон нашите браќа од Егејска Македонија и кон мајките на коишто со итрина и на повеќето без нивна согласност, им ги одзедоа децата (30.000), ги распрснаа низ цела Источна Европа. Уште нестасани, многу од децата, кое од шок кое од нехигиена и изгладнетост, починаа, итн., итн.

    Но јас знам дека моите соборци од Шарената револуција ќе поминат преку ставовите кои се разликуваат од нивните, како што и јас ќе поминам преку оние нивни ставови кои се разликуваат од моите, поради тоа што силата што нѐ обединува е огромна, спонтана и ненаместена. Таа ќе победи! Таа ќе победи и со неа ќе влезе чистиот воздух во нашето општество! „Спасувај го целото за да се спасиш и себеси“!, зашто на сите нас татковината ни е иста – Македонија. Таа е татковина и на нашите деца и внуци. И ние сите сакаме да се подигне духот, да се подигне меѓусебната почит и доверба, да ги пуштиме да просперираат и да им помогнеме на сите што се вредни и умеат да работат! Зашто ние сме сѐ уште  тој скромен еснафски народ – на кого се држело и траело сè во Македонија, и колку и да го кршеле – опстојувало.

    ratka-dimitrova-2

    Од конститутивната седница на првиот повеќепартиски парламент на 8 јануари 1991 кога пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се расправаа дали прво да се интонира југословенската, или македонската химна (архивска фотографија)

    Нема да дозволиме кохезионото ткиво на ова општество да биде разнебитено! Нема да дозволиме народот да поверува дека само со финти може да се владее. И дека како општество сме неспособни за друго. Од тие причини сум благодарна на секој поединец кој учествува во Шарената револуција. А посебно сум благодарна на младите, Марија, Мариглен, Мехмети… кои поседуваат способност со своите искрени говори да ги будат и преобразуваат луѓето.

    За нас е премногу болно да ја гледаме безнадежноста и разединетоста на нашиот народ, и духот на целата држава паднат на колена. Во последниот вагон, кој се ниша и губи ориентација од причина што не можеме да направиме меѓусебен заеднички договор за ништо.

    На протестите на Шарената револуција пролетта Димитрова се сретна со поранешниот колега пратеник од првиот состав Исмет Рамадани (Фото: СДК.МК)

    На протестите на Шарената револуција пролетта Димитрова се сретна со поранешниот колега пратеник од првиот состав Исмет Рамадани (Фото: СДК.МК)

    Ме прашувате која е клучната разлика во Македонија во чиешто формирање и јас учествував и оваа после 25 години. И покрај турбулентното време и војната, која повторно поради наше сопствено невнимание ни одзеде 40 млади животи, таа Македонија вибрираше од енергија. Таа Македонија мечтаеше за иднината! Колегите електроинженери даваа идеи за брзо енергетско осамостојување на Македонија, други мечтаеa за изградба на инфраструктуракоја ќе ја направи Македонија вистинска крстосница на Балканот, трети предлагаа создавање на повеќенаменски езера по текот на реката Вардар сè до Гевгелија. Се гордеевме со еколошки чистата земја, чистите реки и езера на кои ни завидуваа гостите од Европа, таа беше Македонија во очекување на големи и убави нешта. Но, рака на срце, набргу потоа го фативме другиот, кривиот пат.

    ПАРТИЈАТА Е ПРЕТВОРЕНА ВО БИРО ЗА ВРАБОТУВАЊЕ

    – Дали идеологијата на сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ е идеологијата на ВМРО во која вие верувате?. Пратеници на првиот парламент на независна Македонија испратија писмо до ВМРО-ДПМНЕ во кое прашувате каде оди Македонија. Дали добивте одговор?

    – Кога ги прашувам активните сопартијци што е со идеологијата – последниве години, одговорот е дека партијата е претворена во биро за вработување. Во ВМРО-ДПМНЕ не само што нема ВМРО-вска идеологија, туку нема никаква идеологија.  Сè е прагма и сè е бизнис по секоја цена. Од таму не излегуваат идеи и принципи за помош и развој на државата и општеството, кое партијата го води веќе 10 години.

    Тенденција е тоа да се надоместува со хиперпродукција на историски имиња, споменици, музеи и градби правени со многу пари, но минимум разбирање и душа. Се плашам дека нашите историски дејци, кои го вложиле животот за македонска држава, не би го одобриле овој фалш. Исто како и почитуваната Мајка Тереза. Впрочем, еден цитат на идеологот на ВМРО, Христо Матов гласи:„ Оној момент кога ќе дојдеме до своја држава, Организацијата (ВМРО) треба да се самоукине. “

    tumblr_nucrnysKRJ1s9ze70o9_1280

    „Ние пратениците се самоорганизиравме (ВМРО И СДСМ sic! заедно) и успеавме последната недела да излепиме низ целата земја една скромна плаката со две ударни букви „ЗА“ – тоа беше целата кампања“, раскажува Ратка Димитрова, прв координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ

    Ама има нешто пострашно од деидеологизацијата на партијата и нејзиниот прекин со традицијата (во која немало ронка шовинизам меѓу разнородниот народ во Македонија), тоа е неспособноста за дијалог на нејзиното раководство. Целосно игнорирање на секој обид за разговор или советување за било кој проблем! Тоа ни нанесе огромна штета како на народ. Еден од последните примери (да се надеваме и последен) е механичкото тркало за забава, таканаречено панорамско. Тоа е поставено на ударно место, зариено во Вардар, испречено точно пред нашето древно Кале – симболот на Скопје. Тоа не само што покажува недостаток на култура, туку покажува и недостаток на љубов кон своето. Без храброст искрено да се објави потписникот на идејата и вистинскиот извор на средства. За тоа виновен е врвот, но виновни се и партиските структури, кои се плашат да  постават прашање. Од што се плашиш, народе македонски?, прашува старинската песна. Да се надеваме дека тоа тркало нема да се изгради, ама ако се изгради ќе остане да стрчи како споменик на невкусот и на ригидноста – особини нетипични за Македонците, да не речам, антимакедонски.

    Стилот е сè затскриено и сè на препад! Вакви примери има безброј. Почнувајќи од 12 години водење на најголемата партија, без да се излезе на отворен мегдан, со своите аргументи и објаснувања на телевизија – лице во лице со опонентот и пред цел народ, па да цени народот кој колку тежи. Потоа изградбата на левиот раб на речното корито на Вардар на згради, од кои сите се сега со подруми полни вода. Нагрмадените, непотребно преплатени споменици, за кои писателот Јерофеев од Русија рече дека Скопје му личи на Новодевичјите гробишта во Москва, Триумфална порта, единствена во светот на тесен простор, заглавена меѓу Трговскиот центар и станбен блок. Автентичната уметност и култура, како области на говорот на духот, не трпат наметнување и експлицитна пропаганда. Се блокира душата! Тоа е вистинската причина зошто огромен дел од народот не ги прифаќа и ги бои.

    „Време е чесно да си признаеме дека ова не е ВМРО-вска власт и ВМРО-вско раководство. Ова се натрапници во нашата партија, кои со големи , но празни пароли наместо да ја прибираат, ја растураат Македонија“.

    „Време е чесно да си признаеме дека ова не е ВМРО-вска власт и ВМРО-вско раководство. Ова се натрапници во нашата партија, кои со големи , но празни пароли наместо да ја прибираат, ја растураат Македонија“.

    Бидејќи ни на јавното обраќање, ни на прогласот од првите пратеници на нашата партија ВМРО ДПМНЕ не одреагира, ќе ја искористам приликава да поставам неколку прашања не до врвот, туку до широкото членство на мојата партија, во пресрет на предвремените парламентарни избори.

    Дали сметате дека ВМРО-вска власт ќе правеше зделки со сомнителни бизнисмени за најсветото, за Македенија и за целиот словенски свет, а тоа е местото на Охридското езеро  под Свети Наум – симбол на светоста за целото словенство – за да гради хотели и коцкарници?!? Фала му на владиката Тимотеј и на индискиот суд што нѐ спасија.

    Дали сметате дека ВМРО-вска власт ќе ги продадеше најатрактивните места во срцето на Скопје, Градскиот плоштад, на сомнителен грчки бизнисмен (сега под сомненија за злодела) Кондоминас, и да влезе во понижувачка зделка, тој да го подарува местото на Македонија каде што во моментов се доградува Градската куќа на Скопје? Како и други сомнителни зделки со грчки фирми. Дали е тоа симболика која може да ја прифати ВМРО-вско раководство?

    Му личи ли на ВМРО-вско раководство да заплашува, злоставува и поткупува свои членови за пак да гласаат за ВМРО или да излегуваат на собири?! До таму ли стаса најнародната партија? Личи ли на ВМРО-вски лидер човек кој има потреба да го купи најскапиот мерцедес, каков што нема ниеден премиер од европските држави? Тука сакам да го парафразирам нашиот идеолог Христо Матов, кој уште во 1905 година во својата книга за идеологијата на ВМРО напишал: „Организацијата и целиот народ, практично живеевме еден ’комунизам на дело’. Тој што имаше даваше на тој што немаше, а заедно се жртвувавме за највисокиот идеал. “

    Одамна не се споменуваат сечените, лепените и монтираните, а доказите за прислушување на 24.000 луѓе во Македонија од страна на ВМРО-вското Министерство за внатрешни работи, се подготвуваат и скоро ќе излезат.

    ВМРО-ДПМНЕ ли беше тоа што се формира за да се бори против едноумието?

    Да не набројувам повеќе, има премногу материјал и тажно е. Како што е тажно наместо покајување и план за поправка да се слуша само истото оправдување – „СДСМ беше полошо од нас“.

    Време е чесно да си признаеме дека ова не е ВМРО-вска власт и ВМРО-вско раководство. Ова се натрапници во нашата партија, кои со големи , но празни пароли наместо да ја прибираат, ја растураат Македонија. Нашата партија е голема, и сега е редот обичното, широкото членство да решава. Овојпат без камери и прислушнувања насекаде.

    Многу се надевам дека и овојпат, како и пред 25 години на 8-ми септември, членството (народот) ќе излезе позрел од водачите. И ќе најде начин да си го обели својот образ и образот на првите четири букви на партијата.

    – Има ли некои анегдоти, доживувања кои ви се останати во сеќавање, ве допреле, а кои сиве овие години не се раскажани?  На пример, проблемот со нашите војници кои беа во тогашна ЈНА, кога мајките влегоа во Парламент и побараа да се донесат нивните деца?

    – Тоа време бевме премногу возбудени и смртно сериозни, а и Горан Михајловски само што беше почнал да ја пишува својата колумна „Сакам да кажам“. За да им помогнеме на мајките на воените питомци, често одев и кај премиерот, и кај претседателот, инсистирајќи да се преземе нешто. Глигоров грубо ме прекори дека не би требало како обична мајка да гледам на проблемот: „Вие сте пратеничка!“ Но затоа вечерта, по убиството на Сашко Гешовски,младото момче кое офицерите го бутнале надвор од вратата на касарната, на огромниот вечерен протест пред Собранието, го избуткавме прилично збунетиот Глигоров да излезе пред народот и да вети дека ќе преземе сѐ, Македонија да нема веќе вакви жртви.

    Чувме дека од Битолската касарна нашите војници со вечерниот воз преку Скопје, ќе ги носат во Србија. Се собравме на новата железничка станица да ги натераме да се симнат од возот. Тука беа присутни самоиницијативно и некои од шефовите на јавната безбедност. Тогаш, падна идејата дека единствен ефикасен начин е да се одземе документацијата. Подоцна, тоа беше направено тајно и многу успешно. А премиерот, господин Никола Кљусев се обрати јавно во касарната Илинден и ги повика војниците да си одат дома, бидејќи оваа војна не е наша.

    Меѓу поинтересните работи беше и штрајкот со глад, што го презедовме со пратеничката Билјана Лазарова, со цел да дадеме видливост на дезинформациите кои се ширеа преку кабинетот на претседателот Глигоров и преку „Нова Македонија“, дека нашата молба за прием во ОН со месеци чека на разгледување. Министерот Денко Малески ни потврди дека Македонија нема предадено молба во ОН. За два дена, додека штрајкувавме, нѐ известија дека тој ден барањето поминало преку архивата, и ние го прекинавме штрајкот. Но за тоа објави само еден странски весник.

    Единствените комични ситуации се појавуваа во Собранието, кои за мене тогаш беа плачевни. Се трудев на некој начин да ги канализирам, како директните пререкувања во самите редови, така и од говорницата. Немаше сила што можеше Флоровски да го запре од довикувања кон редовите на СДСМ, а на Митко „Врапчето“ морав стратешки да му седнувам зад грбот, и понекогаш да интервенирам тегнејќи го за ракав да не стане да оди кон говорницата. Денеска жалам за тоа, поради тоа што сега не постои човек кој искрено од говорница ќе каже на некого од опозицијата: „Па, јас татко ти го знам, вие сте наши деца, а и не се разликуваме толку многу во ставовите.“

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари