ПОЧИНА УШТЕ ЕДЕН ОД ПОВРЕДЕНИТЕ ПАТНИЦИ ОД АВТОБУСКАТА НЕСРЕЌА КАЈ ВЕЛЕС

    ПОЧИНА УШТЕ ЕДЕН ОД ПОВРЕДЕНИТЕ ПАТНИЦИ ОД АВТОБУСКАТА НЕСРЕЌА КАЈ ВЕЛЕС„На одделот за интензивно лекување имаме уште една пациентка, која е во критична состојба, а е од повредените патници од автобуската несреќа“, вели д-р Илир Хасани, директор на ТОАРИЛУЦ. - Автобусот со туристи излета од патот близу патарината кај Велес (Фото:СДК.МК)

    На Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување вчеравечер починал уште еден од повредените патници од автобуската несреќа, што се случи кај велешката патарина на 20-ти минатиот месец.
    Д-р Илир Хасани, директор на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТАРИЛУЦ), информираше дека 78 годишен пациент вчера околу 18.40 часот подлегнал на повредите.

    „Пациентот беше во тешка здравствена состојба, со скршеници на градниот кош, крварење во градниот кош и со сериозни повреди на главата, односно скршеница на вратниот рбет. И покрај обидите да се санираат повредите, тој вчеравечер почина“, вели д-р Хасани.

    Во несреќата што се случи на 20-ти минатиот месец на автопатот Скопје-Велес беа повредени 28 патници, кога автобус, со македонски туристи кои се враќаа од Грција, а изнајмен од скопска туристичката агенција, излета од патот. Уште истиот ден една од повредените патнички почина.

    Досега од автобуската несреќа животот го загубија двајца, а според информациите од скопските клиники на интензивно лекување има уште една пациентка, која е во тешка здравствена состојба.

    „На одделот за интензивно лекување имаме уште една пациентка, која е со сериозни повреди на градниот кош и која е во критична состојба. Станува збор за повозрасна пациентка“, вели д-р Хасани.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира