ПОЧИНА ЗАТВОРЕНИЧКА ВО ИДРИЗОВО, ШЕСТИ СМРТЕН СЛУЧАЈ ВО ЗАТВОРОТ ЗА ШЕСТ МЕСЕЦИ

    ПОЧИНА ЗАТВОРЕНИЧКА ВО ИДРИЗОВО, ШЕСТИ СМРТЕН СЛУЧАЈ ВО ЗАТВОРОТ ЗА ШЕСТ МЕСЕЦИНа 1.800 затвореници има само двајца лекари и две медицински сестри. Од нив 450 се зависници од дрога, а над 150 се психички болни - детал од затворот Идризово (Фото: Ѓ. Личовски)

    Во затворот Идризово ноќеска починала 45-годишна затвореничка од Струмица, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот на затворот Живко Пејковски.

    Откако ѝ се слошило, била повикана Брза помош, затоа што и попладне и ноќе, во затворот  нема дежурен лекар. Кога дошле лекарите од итна помош, тие констатирале смрт,

    Од јануари до сега, ова е шестото осудено лице кое починало во најголемиот затвор во Македонија. Народниот правобранител Иџет Мемети има покренато постапки за  сите смртни случаи од почетокот на годинава. Тој тврди дека затворениците овде умираат  поради лошата здравствена заштита.

    Директорот на затворот Пејковски вели дека  на 1.800 затвореници има само двајца лекари и две медицински сестри. Од нив 450 се зависници од дрога, а над 150 се психички болни.  Вели дека затворот Идризово со години плаќа огромни суми пари по клиниките, зашто затворениците сè уште немаат здравствено осигурување, иако тоа право им беше со закон уредено.  Но, Министерството за здравство не го спроведува закнот повеќе од две години.

    Починатата жена била осудена на осумгодишна затворска казна за посредување во проституција на малолетни лица.

    „Од 2012 година кога дојде сега починатата во женскиот оддел во затворот Идризово, таа постојано се жалеше на здравствени проблеми. Нејзиниот здравствен картон е меѓу најполните во становата. Носена е повеќепати на Клиника за напади на жолчката, болки во хранопроводникот, за гастритисот што го имаше, но и поради респираторни проблеми“,  вели директорот Пејковски.

    Откако била констатирана смрт, случајот веднаш бил пријавен во полиција, а обвинител извршил увид. Телото на починатата е во капела, но обвинителот треба да одлучи дали ќе даде наредба за обдукција, за да се види од што точно починала и дали не станува збор за задоцнета реакција и одговорност кај дежурните затворски служби за нејзината смрт.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира