ПОЧНА ДА СЕ ПОЛНИ КОВИД-ЦЕНТАРОТ НА ГАСТРО, ЗА 24 ЧАСА ВО СКОПЈЕ СЕ ПРИМЕНИ 37 НОВИ ПАЦИЕНТИ

    ПОЧНА ДА СЕ ПОЛНИ КОВИД-ЦЕНТАРОТ НА ГАСТРО, ЗА 24 ЧАСА ВО СКОПЈЕ СЕ ПРИМЕНИ 37 НОВИ ПАЦИЕНТИВо Ковид-центарот во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ имало 11 нови приеми на пациенти. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Ковид-центарот на Клиниката за гастроентерохепатологија почна да прима пациенти во последното деноноќие, таму се хоспитализирани 17 болни. Се очекува да започне со работа и Ковид-центарот на Клиниката за нефрологија.

    Министерството за здравство соопшти дека во изминатите 24 часа во Ковид-центрите во Скопје хоспитализирани се 37 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 410 пациенти потврдени и сомнителни за ковид-19 се лекуваат на Инфективните оддели во болниците во Скопје. Голем дел од нив се на кислородна поддршка.

    Во последното деноноќие, на Интерните клиники имало  24 приеми и тоа четворица пациенти биле хоспитализрани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, тројца пациенти се примени во Ковид-центарот на Клиниката за неврологија и 17 на Гастро. Во Ковид-центарот во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ имало 11 нови приеми на пациенти.

    На Кожната клиника во Ковид-центарот во моментов се лекуваат 24 пациенти, на Клиниката за неврологија 37 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 55 пациенти со симтоми на коронавирусот. Во „8 Септември“ има 79 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 160 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 38 пациенти, од кои 11 деца и 27 возрасни.

    „И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, слободни места во моментов има доволно во Ковид-центрите на Интерните клиники, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ‘8 Септември’. Сите новоотворени инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имаат потреба од кислородна подршка“, вели Министерството.

    Вкупно ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата се 46.062, оздравеа 26.981, починаа 1.281, а активни случаи се 17.800.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира