ПОЧНУВААТ БЕСПЛАТНИТЕ ПРЕГЛЕДИ ЗА РАНА ДЕТЕКЦИЈА НА РАК НА ГРЛОТО НА МАТКАТА ЗА ЖЕНИ ОД 36 ДО 45 ГОДИНИ

    ПОЧНУВААТ БЕСПЛАТНИТЕ ПРЕГЛЕДИ ЗА РАНА ДЕТЕКЦИЈА НА РАК НА ГРЛОТО НА МАТКАТА ЗА ЖЕНИ ОД 36 ДО 45 ГОДИНИПријавувањето се одвива преку веб платформата skrining.mk (Фото: К. Попов)

    На Меѓународниот ден на жената во државата започнува организиран скрининг за рана детекција на рак на грлото на матката, а пријавувањето е преку веб платформата skrining.mk.

    Од Министерството за здравство посочија дека оваа година се опфатени жените од 36 до 45 години кои во последните три години немале направено ПАП тест. Прегледот е бесплатен.

    Веб платформата skrining.mk за закажување превентивен преглед е достапна од денеска. Таа е директно поврзана со системот „Мој термин“ и матичниот гинеколог веднаш добива информација за пријавени пациентки, по што ги известува во кој термин е закажан прегледот.

    „‘Мој термин‘ во соработка со Националната комисија за рак на грло на матка изминатиот период интензивно работеше на оваа новина и за првпат, жените од предвидената група на овој начин можат да се пријават за скринингот. Целта е да се зголеми опфатот на жени кои ќе направат преглед“, соопштија од Министерството за здравство.

    Годинава се издвоени приближно 11 милиони денари за оваа потпрограма во рамките на Програмата за рана детекција на малигни заболувања.

    Препорака на СЗО е жените вклучени во скринингот да се поделени во три возрасни групи, 24-35, 36-45 и 46-61 година. Интервалот на спроведување на скринингот е три години, со цел да се опфатат сите овие возрасни групи.

    Рак на грлото на матката е четврти најчест тип на канцер кај жените во светски рамки, а во нашата држава, годишно во просек заболуваат околу 150 жени.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира