Опфатот на деца со вакцината МРП наменета против мали сипаници, рубеола и заушки е далеку од потребните 95 проценти за постигнување колективен имунитет и заштита на населението од појава на епидемија, кажа министерот за здравство Беким Сали на прес-конференцијата по повод Европската недела за имунизација. За 2020 забележан е исклучително низок опфат на деца со МРП вакцина и тоа, 63 отсто со првата доза за деца до 12 месеци и и 68,5 отсто со втора доза за оние до шест години.
Министерството за здравство и институциите кои вршат вакцинација успеаја лани да ја зголемат процентуалноста на 70,4 проценти за прва и 80,4 отсто за втора, но и тие бројки се далеку од потребниот опфат. Во 2020, во неколку општини беше евидентира низок опфат под 50 отсто, а во 2021 толку низок процент имаше само во Куманово. Во 2021 најмногу вакцинирани со прва доза МРП имаше во Прилеп 98 отсто, па Кочани и други градови.
За да се подобри ситуацијата, Министерството заедно со УНИЦЕФ и Канцеларијата на СЗО во Скопје започнаа кампања за редовна имунизација.
„Заедно со Државниот здравствен инспекторат и Здравствените домови почнуваме со активности за засилена теренска работа за повикување на пропуштените деца за вакцинација. Предвидено е испраќање на унифицирана СМС порака на родителите кои ја пропуштиле вакцинацијата на децата како и засилување на регионалната мрежа на координатори од центрите за имунизација за зајакнување на теренските активности и активно следење и детектирање на пропуштените деца и нивно навремерно имунизирање“, рече министерот Сали.
Тој додаде дека вакцините се квалитетни и повика да не се наруши долгогодишната традиција на успешна вакцинација во земјава.
Претставничката на УНИЦЕФ Патриција Ди Џовани рече дека нема никаква поврзаност на појавата на аутизам со вакцинирањето и ги повика родителите да не бидат плен на дезинформации.
„Апсолутно нема никаква научна поткрепеност на тврдењата дека вакцинирањето и аутизмот се поврзани. И УНИЦЕФ и другите меѓународни организации потрошиле многу пари за да откријат евентуална поврзаност и нема таква поврзаност. Апелирам до родителите да не бидат жртви на лажни информации на социјалните мрежи. Не бидете плен на лажни информации, ова се случуваше и за време на пандемијата со ковид-19 да има лажни информации. Родителите не можат да знаат сè затоа има научни институции, ве молам обратете се до нив и послушајте ги нив“, рече Ди Џовани.
Причините за намалениот опфат лежат и во пандемијата кога, како што рече Ди Џовани, затворањето на училиштата доведе до доцнење во организрањето систематските прегледи и групна имунизација, а ресурсите беа насочија кон вакцинација против ковид-19, па рутинските услуги за имунизација се обезбедуваа преку одредени поликлиники наместо во сите.
Ж. ЗДРАВКОВСКА