Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при денешната посета на Битола, запрашан како гледа на најавената акција „метла“, рече дека ја поддржува операцијата за промена во структурите на власта, но тоа е сепак е надлежност на премиерот Зоран Заев.
„Јас ја поддржувам операцијата за промени во структурата на Владата и на фондовите, јавните претпријатија и во локалните самоуправи, секаде каде има оценка дека тие функционери не ги исполнуваат на најдобар можен начин работите. Но, тоа е оценка која треба да се направи од премиерот и тоа е негова надлежност“, рече Спасовски при денешната посета на Битола.
За МВР рече дека постојано прават промени на позициите таму каде оценуваат дека некои кадри не ги одработуваат работите на соодветен начин или пак не го оправдуваат интересот на граѓаните. Тоа ќе продолжи и понатаму, најави Спасовски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА