Народот треба да се подготвува за продолжување на 140-годишната политичка борба за затворање на македонското национално прашање онака како што заслужуваме, а во следната историска шанса, напиша избеганиот Никола Груевски на својот фејсбук профил по потпишувањето на Пристапниот договор за НАТО.
Тој вели дека сега „треба да се искористи она што е позитивно за Македонија од овој дивјачки донесен договор и сменет устав, име и идентитет“, а тоа е „во прв ред е членството во НАТО и во ЕУ“.
Груевски пишува дека секогаш бил поборник на членството на Македонија во НАТО и ЕУ: „Разликата со СДСМ е што не сакав тоа да се случи на ваков начин, со ваков понижувачки и штетен договор, со целосно предавање на тешко и крваво стекнатото, па потоа со години да се бориме да ја поправаме штетата со сите ризици во таа намера“
Избеганиот премиер им се обраќа и на тие што сакаат го променат овој договор пред влезот во НАТО и ЕУ, велејќи им дека „тие желби се тешко остварливи, имајки ја во обѕир позицијата на Грција по овој потпишан договор во Преспа и истовремено имајки ги во обѕир механизмите за блокада на членството во ЕУ“.