ПОДНЕСЕНО ОБВИНЕНИЕ ПРОТИВ ГРУЕВСКИ, КАМЧЕВ И МИЈАЛКОВ ЗА ПЛАЦЕВИТЕ НА ВОДНО, СЕ ПРЕДЛАГА КОНФИСКУВАЊЕ НА ЗЕМЈИШТЕТО И ДВА СТАНА НА БИХАЌКА

    ПОДНЕСЕНО ОБВИНЕНИЕ ПРОТИВ ГРУЕВСКИ, КАМЧЕВ И МИЈАЛКОВ ЗА ПЛАЦЕВИТЕ НА ВОДНО, СЕ ПРЕДЛАГА КОНФИСКУВАЊЕ НА ЗЕМЈИШТЕТО И ДВА СТАНА НА БИХАЌКАНадлежниот обвинител поднесе предлог за одредување притвор на Груевски, кој ужива азил во Унгарија, а за обвинетиот Камчев продолжување на мерката притвор. Мијалков е во притвор за друго дело. (Фото: СДК.МК)

    Против експремиерот Никола Груевски, бизнисменот Јордан Камчев и поранешниот началник на УБК Сашо Мијалков денеска Обвинителството за организиран криминал и корупција поднесе обвинение до Основниот кривичен суд за плацевите на Водно. Груевски е обвинет за кривичното дело Противправно стекнување и прикривање имот, Камчев и уште тројца се обвинети за кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело, додека Мијалков е обвинет за помагање при кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело.

    Според обвинението, во периодот од јуни 2006 година до октомври 2012 година во Скопје првообвинетиот Груевски, со искористување на ист траен однос и исти прилики за себе противправно присвоил туѓи подвижни предмети што му биле доверени во врска со неговата работа и притоа присвоил износ од најмалку 1.300.360 евра или 79.972.140 денари. Тој, велат од обвинителството, во овој период како одговорно лице, претседател на политичката партија, дел од паричните средства што биле давани како донации за финансирање на политичката партија не ги прикажал како примени донации, туку ги присвоил за себе.

    Потоа, се вели во обвинението, од октомври 2012 година до септември 2013 година Груевски парите ги пуштил во оптек, за што со умисла му помогнал Мијалков, па така, откако Груевски во средината на 2012 година дознал дека физички лица кои се иселени од државата преку посредници продаваат земјиште од околу 11.000 м2, лоцирано на Водно, побарал Мијалков да му помогне истото да го купи при што ќе го прикрие изворот на парите и дека тој е сопственик на земјиштето.

    Според обвинението, Мијалков стапил во контакт со обвинетиот Н.Ј., кој бил сопственик на веќе регистрирана офшор фирма во Белизе и се договорил оваа фирма да биде основач на домашно правно лице кое ќе биде употребено за купување на земјиштето. Иако знаел дека неговото правно лице ќе се користи за прикривање на вистинскиот сопственик на купувачот на земјиштето, обвинетиот Н.Ј. во договор со Мијалков основал правно лице во Скопје, на кое обвинетиот Р.Н. станал управител. Откако била постигната согласност за купопродажната цена, Груевски во повеќе наврати на девизната сметка на правното лице во Скопје, преку сметката на правното лице од Белизе пуштил во оптек парични средства прибавени со кривично дело. Обвинетиот Р.Н. ги примил паричните средства и во својство на управител на правното лице со сопствениците на земјиштето потпишал договор за купопродажба за купување на шума со површина од 11.255 м2, по што извршил плаќање кон продавачите во износ од 1.299.215 евра, а дел од останатите приливи ги употребил за плаќање на данок на промет на недвижности.

    Подоцна, во периодот од јуни до октомври 2015 година Груевски купениот имот чии парцели со промените на ГУП на град Скопје 2012-2022 година, биле пренаменети во градежни парцели и уделот на правното лице од Белизе во правното лице во Скопје, го пренел на Камчев. и обвинетата Р.К.К.. Камчев како управител на правно лице и обвинетата Р.К.К. како краен сопственик на истото правно лице иако знаеле дека имотот е прибавен со кривично дело, истиот го примиле во сопственост на нивното правно лице и донеле одлука преземеното правно лице да се преименува и сопственоста да се пренесе на правните лица каде обвинетиот Камчев е управител, а обвинетата Р.К.К. сопственик. Потоа, по претходно донесена одлука за физичка делба парцелите биле поделени на три нови парцели од кои едната била продадена на заинтересирано правно лице. Уделите во преименуваното правно лице и останатите две парцели фиктивно биле пренесени на трето лице без да биде платен уделот и со договор во кој бил определен рок за исплата на купопродажната цена со клаузула дека ако рокот не биде испочитуван, договорите се ништовни со што ја прикриле локацијата на имотот и неговата сопственост.

    Воедно, велат од обвинителството, Груевски како службено лице, спротивно на законската должност од Законот за спречување на корупцијата, со намера да го прикрие имотот со кој се стекнал додека вршел државна функција, а кој во значителна вредност ги надминува неговите законски приходи во Анкетен лист што го доставил по престанок на функцијата до Државната комисија за спречување на корупцијата дал непотполни податоци за недвижниот имот што го поседува, а фиктивно се водел на обвинетиот Р.Н. Па така, во графата „Недвижен имот“ не пријавил два стана во Скопје со површина од 38м2 и 57 м2, градежно земјиште во Центар во Скопје со површина од 2.729 м2 и две градежни парцели во Крушево во вредност од 795.424 денари.

    Надлежниот обвинител со обвинението на судот му предложи предметниот недвижен имот трите плаца на Водно да бидат конфискувани, како и становите на Бихаќка од 57 м2 во вредност од 60.000 евра и 38 м2 во вредност од 41.000 евра, градежното земјиште со површина од 2729 м2, евидентирано во имотен лист за КО Центар 2 во вредност од 7.365.600 денари и двете градежни парцели за КО Норово – Крушево во вредност од 795.424 денари.

    Надлежниот обвинител поднесе предлог за одредување притвор на Груевски, кој ужива азил во Унгарија, а за обвинетиот Камчев продолжување на мерката притвор. Камчев е во притвор од 14 март. Обвинетиот Мијалков исто така е во притвор, а денеска беше на судење на случајот „Тортура“, каде што беа завршните зборови на обвинителството.

    М. ИЛИОСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира