И ПОКРАЈ РЕИЗБОРОТ, ЦВЕТКОВСКИ ЌЕ ОСТАНЕ ДИРЕКТОР НА МРТВ ДО ДОНЕСУВАЊЕТО НА НОВИОТ ЗАКОН, НАЈАВИ ВЛАДАТА

    И ПОКРАЈ РЕИЗБОРОТ, ЦВЕТКОВСКИ ЌЕ ОСТАНЕ ДИРЕКТОР НА МРТВ ДО ДОНЕСУВАЊЕТО НА НОВИОТ ЗАКОН, НАЈАВИ ВЛАДАТАДиректорот Марјан Цветковски на 26 декември 2014 го прими Орденот за заслуги за Македонија, со кој претседателот Ѓорге Иванов ја одликуваше Македонската радио-телевизија по повод 70-годишнината од основањето на Македонското радио и 50-годишнината од основањето на Македонската телевизија

    Владата се огради од повторниот избор на Марјан Цветковски за директор на Македонската радио телевизија (МРТ), додавајќи дека тоа е одлука на нејзиниот Програмски совет.

    „Владата нема никаква врска со овој избор, туку тоа е одлука на Програмскиот совет на Македонската радио телевизија. Тој сѐ уште функционира во стариот состав, а граѓаните добро знаат кој членува во него, на кој начин и под чии влијанија работеше и како е направен овој избор“, кажа портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, на денешната прес-конференција.

    Toj најави дека новиот Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги би можел да се најде во владина процедура до крајот на неделава.

    „Овој избор ќе важи сè додека не го усвоиме новиот Закон. Тоа ќе се случи наскоро, со што Владата ќе ја прекине досегашната практика на нетранспарентност и ќе овозможи целосна професионализација и департизација на МРТВ и на Агенцијата за аудиовизуелни дејности“, рече Бошњакоски.

    Советот на МРТ на 26 јануари го распиша конкурсот за избор на нов директор, бидејќи мандатот на Цветковски истекуваше во март. За негов заменик сега е избран Харун Ибраими. Цветковски бил реизбран, иако на конкурсот пристигнале уште 12 пријави.

    Тој беше генерален директор на МРТ во 2 мандата од 2012, а белег на неговото раководењее е тоа што јавниот сервис не ги емитуваше бомбите на опозицијата, иако лидерот на Достоинство Стојанче Ангелов тогаш им достави цедеа со овие записи. Цветковски изјави дека „уредувачката политика на телевизијата не може да се управува според барањата на седумдесетина граѓани, кои имаат свои цели“. На новинарско прашање за содржината на 24. бомба, во која се слуша како врвот на ВМРО-ДПМНЕ решава кој ќе се вработи во МРТ, Цветковски тврдеше дека функционери од тогаш владејачката партија од него никогаш не побарале прилог по нарачка.

    Цветковски лани им напиша писмо на премиерот Зоран Заев и на амбасадорот Џес Бејли и ги извести дека дека подолг период сметката на јавниот сервис е блокирана поради ненамирени обврски.

    На 26 декември 2017, Владата соопшти дека „ненавременото ставање на годишната програма за работа на МРТ не е објавена согласно законот, го попречило обезбедувањето на влијание на јавноста врз вкупното работење на јавниот сервис, како и дека МРТ ги прекршила сопствените професионални принципи за сеопфатно информирање на јавноста со прекинот на директниот пренос од Собранието на Република Македонија на 27 април“.

    Според претседателката на Програмскиот совет на МРТ Смилка Јанеска – Саркањац,  одлуката за избор е донесена врз основа на програмите за работа, кои согласно законот биле анонимни, со шифри, и се решавало врз основа на понуденото.

    „Програмскиот совет ја донесе одлуката врз основа на понуденото во програмите. Од 13 пријави за директор и 8 за заменик-директор, по една беа дисквалификувани оти не беа анонимни. Заседававме околу 5 часа“. Изјави Јанеска-Саркањац за Мета.

    Таа е членка на советот, а од 5 јануари стана претедателка на местото на разрешената Снежана Клинчарова. Во советот членуваат и Ведат Мемедали, заменик претседател, како и Јагнула Куновска, Косана Николиќ – Мазнева, Гајур Рамадани, Илир Рамадани, м-р Ристе Панов, Ивана Трајковска, Селпин Керим, Златко Јанковски и Клинчарова.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира