ПОЛИТИКАТА И НАТАМУ Е НАД БИЗНИС ЗАЕДНИЦАТА ВО РЕГИОНОТ, СЛОВЕНИЈА ТРЕБА ДА НИ БИДЕ ПРИМЕР КАКО СЕ РАЗВИВА ДРЖАВА, ВЕЛИ ЖИВКО МУКАЕТОВ ЗА „АЛ ЏАЗИРА БАЛКАН“

    ПОЛИТИКАТА И НАТАМУ Е НАД БИЗНИС ЗАЕДНИЦАТА ВО РЕГИОНОТ, СЛОВЕНИЈА ТРЕБА ДА НИ БИДЕ ПРИМЕР КАКО СЕ РАЗВИВА ДРЖАВА, ВЕЛИ ЖИВКО МУКАЕТОВ ЗА „АЛ ЏАЗИРА БАЛКАН“„Алкалоид“ неодамна беше прогласен за водечки инвеститор во регионот за инвестираните над 104 милиони евра (Фото: Алкалоид)

    Во Америка полесно може да се изгради доверба отколку во Европска Унија, но соработката во регионот ни е особено важна зашто јас целиот регион го доживувам како домашен пазар, вели генералниот директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, во интервјуто за „Ал Џазира Балкан“. Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан неодамна го прогласи „Алкалоид“ за водечки инвеститор во регионот за инвестираните над 104 милиони евра.

    „Во Америка нè гледаат како европска држава и европски производител и тоа ни дава предност. Таму е важно да имате квалитетен производ, кој притоа ќе биде уникатен. Ние таму сме најмногу присутни со органските чаеви и со чаевите од типот на безглутенски состојки во нив. Не застануваме тука. Нашата амбиција е и во сегментот фармација да се позиционираме на американскиот пазар, нешто што досега не ни успеало“, вели Мукаетов.

    Тој вели дека компанијата пораснала за четири и пол пати во последните 17 години, но пред да се развие пошироко, морала да се позиционира во регионот.

    „Ако пред 15-ина години најголем дел од продажбите ни беа реализирани на домашниот пазар и во регионот, сега сме присутни на 50-ина пазари во светот. Но, пред тоа моравме да си ја одработиме домашната задача и да се позиционираме прво во регионот, затоа што конкуренцијата и во регионот е огромна. Ако не сте конкурентни во регионот, уште потешко ќе можете да се позиционирате во западна Европа, така што мислам дека Западен Балкан е еден одличен тест, од кој компаниите би можеле фазно да се развиваат“, порача Мукаетов.

    Додава дека во регионот има конкурентски компании кои се партнери на „Алкалоид“ во одредени проекти во Хрватска, БиХ и Србија.

    „Во регионот има многу простор за градење синергија. Така, на пример, ние инвестиравме во производство на фармацевтски производи во Србија и во хемиска лабораторија во Љубљана. Нашата служба за правни корпоративни работи е стационирана во Загреб, што значи дека направивме една фузија од можностите на регионот“.

    Мукаетов смета дека регионалните бизнисмени треба да бидат многу погласни, затоа што политиката останува над она што го прави бизнис заедницата.

    „Би ја земал Словенија за споредба. Таму можете да видите еден сосема друг сооднос на сили. Бизнис заедницата е таа која диктира и затоа таа држава се развива и оди напред со темпо кое за сите нас останати е веќе недостижно“.

    Тој вели дека доминацијата на политиката во секојдневниот живот е уште поизразена во Македонија во споредба со регионот.

    „Ние, за жал, имаме едно политизирано општество, разделено на табори. Нашата политика сите овие триесетина години не покажа капацитет да развива модерна држава со големи можности, која би била конкурентна на многу полиња. Таа доминација на политиката наспроти еден нормален развој на државата ја чувствуваме во сите пори на општеството. Имаме кадровска политика со која во администрацијата се оди строго на квантитет, а не на квалитет, каде што сите сме заглавени во бирократските лавиринти на комбинациите помеѓу партиите и сите административни ентитети. Сето тоа се одразува, па наместо да имаме некој ветер во грб како бизнис заедница, да ги развиваме луѓето и компаниите и да се глобализираме, ние доста време трошиме на разни сопки кои ни се случуваат во сите сфери“, вели Мукаетов.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира