ПОЛИЦИЈАТА ЧУВА ЕДЕН ОБЈЕКТ ВО СКОПЈЕ И ЧЕТИРИ ВО СТРУМИЦА СО ЛУЃЕТО СТАВЕНИ ПОД МЕДИЦИНСКИ НАДЗОР ПОРАДИ КОРОНАВИРУСОТ, ИЗЈАВИ ЧУЛЕВ

    ПОЛИЦИЈАТА ЧУВА ЕДЕН ОБЈЕКТ ВО СКОПЈЕ И ЧЕТИРИ ВО СТРУМИЦА СО ЛУЃЕТО СТАВЕНИ ПОД МЕДИЦИНСКИ НАДЗОР ПОРАДИ КОРОНАВИРУСОТ, ИЗЈАВИ ЧУЛЕВМВР е ангажирано за 24 часовно обезбедување согласно насоките од Министерство за здравство - министерот Чулев во посета на Секторот за внатрешни работи на Битола (Фото: СДК.МК)

    Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев изјави дека полицијата обезбедува еден објект во Скопје и четири објекти во Струмица каде што живеат луѓе што се ставени под медицински надзор и изолација поради коронавирусот.

    „МВР е ангажирано за 24 часовно обезбедување на еден објект на територија на СВР Скопје и на четири објекти на територија на Струмица каде што согласно насоките од Министерство за здравство луѓето се ставени во изолација, а се потенцијални носители на вирусот корона“, рече Чулев во Битола. Тоа се лицата кои патувале заедно со жената заразена од болеста.

    Чулев кажа дека на преминот Меџитлија на македонско-грчката граница близу Битола граничните служби применуваат превентивни мерки за заштита од коронавирусот. Тие работат со заштитни маски и ракавици, а на патниците им се делат и флаери со совети за заштита од болеста.

    Првиот регистриран случај на заболен од коронавирус во земјава не го намали протокот на патници на преминот Меџитлија. Македонски возила денес патуваа за Грција, а и грчки влегуваа во нашата земја. Меѓу нив имаше и таксисти кои превезуваа патници.

    На овој граничен премин не е инсталирана термална камера, па затоа на сите патници кои доаѓаат од ризичните подрачја им се прават интервјуа и податоците се споделуваат со Центарот за јавно здравје од Битола. Преку овој премин не ретко доаѓаат нашинци од Италија кои допатувале со брод до пристаништето Игуменица.

    Заменик командирот на граничната полиција на преминот Меџитлија. Кире Костевски вели дека „се врши разговор за нивниот престој во Италија и останатите ризични земји, се земаат податоци за нив и во истиот момент го известуваме Центарот за јавно здравје Битола за сите преземени мерки од наша страна и дали кај патниците има појава на симптоми кои говорат дека има присуство на коронавирус“.

    Ж.ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира