Кривична пријава за трговија со дете денес Министерството за внатрешни работи (МВР) поднесе против М.Д. 42-годишна од Кавадарци за случајот со 13 годишното девојче од домот за деца со воспитно-социјални проблеми „25 Мај“.
„М.Д. е задржана во полициската станица Кисела Вода и во текот на денот ќе биде однесена за распит при Судија на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1“, соопшти МВР.
Единицата за трговија со луѓе и криумчарење мигранти при МВР до Основното јавно обвинителство за сузбивање организиран и сериозен криминал поднесло ваква пријава против кавадарчанката поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело трговија со дете, според член 418 од Казнениот законик.
„Според документираните сознанија утврдено е дека пријавената во текот на декември лани и јануари годинава го принудувало детето Р.И., штитеник на ЈУ за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми ’25 Мај‘, да дава сексуални услуги на поголем број лица за одреден паричен надомест. Покрај сексуалната експлоатација, пријавената вршела и трудова експлоатација врз детето принудувајќи ја за нејзина сметка да питачи“, велат од МВР.
Случајот со сексуална експлоатација и злоставување на 13-годишното девојче пред десетина дена го обелодени невладината Европски центар за правата на Ромите (ЕЦПР), која соопшти дека девојчето овој месец било подложено на абортус откако забременила по сексуално злоставување деца. Според информациите од невладината организација девојчето од „25 Мај“ исчезнало на први март лани, кога според нејзините тврдења постар маж ја зел од домот и ја однел во друг град каде ја принудувал на сексуални односи и на физичка работа.
Министерството за труд и социјална политика веднаш излезе со став дека се сомневаат дека станува збор за сексуална експлоатација, и формираше комисија која ги испитуваше работата на домот „25 Мај“ и на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи. Директорот на домот „25 мај“ Стевчо Соколовски следниот ден поднесе оставка.
Министерството за труд и социјална политика завчера поднесе кривични пријави против 11 лица за случајот со злоставуваното девојче, откако специјална инспекција влезе во домот „25 Мај“ и во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа – Скопје.
Кривични пријави Министерството најави дека ќе поднесе против одговорните лица во Центарот за социјална работа – Скопје за несовесно работење и против стручни лица вработени во Центарот, за кривично дело запуштање на малолетно лице и за несовесно работење во служба. Како што изјавија од Министерството вакви пријави ќе добијат сите, кои биле задолжени да постапуваат и преземаат службени дејствија во случајот на малолетната Р.И. во периодот од 2012 – 2017 година.