Основниот суд Скопје 1 е задолжен да го најде осудениот поранешен премиер Никола Груевски за да му врачи конечно решение за издржување на затворската казна од две години. Судскиот курир синоќа три пати не го нашол осуденикот на адресата каде што е пријавен по лична карта.
Директорот на затворот Шутка, Ѓоко Котевски, каде што Груевски е прераспределен да ја отслужи казната, за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави: „Лицето кое го барате не е во затворот“.
На Груевски како поранешен премиер, според законот му следува 24 часовна државна заштита од шестмина телохранители вработени во МВР. Но, Судот викендов не побарал асистенција од СВР Скопје за да го најде осуденикот. Полицијата, според процедурата, без налог на судот нема да го бара Груевски. Тоа значи дека воопшто нема ни да ги прашува шестмината вработени во Шестата управа на МВР кои го обезбедуваат како експремиер, каде е, зошто не е најден дома, дали им избегал и слично, додека Кривичниот суд не даде налог за такво нешто. Нивните шефови од МВР немаат законска надлежност да им се јавуваат и да ги прашуваат каде е, зошто не бил на адресата што ја пријавил, се додека не биде добиен налог од Судот.
Пратеникот Груевски кој е член на собраниската комисија за уставни прашања денеска не се појави ни на седницата на која се расправа за амандманите за промена на Уставот согласно Преспанскиот договор. Неговото членство во оваа комисија беше наведено како причина за одложување на затворската казната во жалбата до Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1.
Синоќа доставувач од Скопска единица, веднаш по изготвувањето на решението од кривичниот совет со кое се одбиваат жалбите на Груевски за одложување на затворската казна, неколку пати отишол кај семејството Груевски, на адресата која е заведена и во обвинението и во пресудата за незаконската набавка на луксузниот мерцедес со пари од МВР.
Дома кај Никола Груевски доставувачот ја нашол сопругата Боркица Груевска, која кажала и докажала дека тој навистина не е дома. Тоа се случило три пати, по што од Судот доцна пред полноќ изјавија дека настапуваат два неработни дена и потрагата по осуденото лице за да му се врачи решението за затвор од нивна страна продолжува в понеделник наутро.
Според процедурата, МВР не смее да се меша ако некое лице што треба да прими доставница за в затвор, не е достапно за судските органи, ако Судот не го извести за тоа. Ако не може да го најде осуденото лице, по известувањето МВР распишува потерница и почнува да го бара за да го уапси и присилно спроведе на затворската адреса.
С. К. ДЕЛЕВСКА