Полицијата вечерва приведе граѓанин кој се обиде да го испрска Никола Груевски со спреј додека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ говореше на митинг кај хотелот „Јадран“ во центарот на Скопје. Според очевидци, додека Груевски зборувал, граѓанинот се обидел да се качи на бината, но бил запрен од обезбедувањето и тој тогаш се обидел нив да ги испрска со спреј. Најверојатно станува збор за спреј за самоодбрана.
Потоа интервенираше полицијата и го однесе граѓанинот во полициската станица „Беко“. Додека полицајците го ставале во комбе, со лисици на рацете, тој им рекол: „Добро бе, зар да ќутам?“. Со приведениот граѓанин, во станица беше и однесен неговиот велосипед.
На митингот, на кој зборуваа и скопскиот градоначалник Коце Трајановски и кандидатот за градоначалникот на Центар Дејан Јовановски, продолжи без оглед на инцидентот.
Од МВР го потврдија инцидентот и велат дека станува збор за 36-годишниот Р.Р., кој се наоѓа во полициска станица и во тек е разговор со него.
„Лицето Р.Р. (1981) се обидело да прска со спреј на митингот, обезбедувањето навреме го спречило и полицијата брзо интервенирала“, велат од МВР.