ПОЛИЦИСКИ ЧАС ОД 19 ДО 5 ЧАСОТ, ЗАДОЛЖИТЕЛНО НОСЕЊЕ НА МАСКА ВО ЗАТВОРЕНИ ОБЈЕКТИ И НА ПАЗАР, НАЈАВИ ФИЛИПЧЕ

    ПОЛИЦИСКИ ЧАС ОД 19 ДО 5 ЧАСОТ, ЗАДОЛЖИТЕЛНО НОСЕЊЕ НА МАСКА ВО ЗАТВОРЕНИ ОБЈЕКТИ И НА ПАЗАР, НАЈАВИ ФИЛИПЧЕСо релаксирањето на мерките се овозможува на пензионерите движење од 8 до 12 часот, а на младите лица до 18 години, од 13 до 16 часот.(Фото: Ѓ.Личовски)

    Полицискиот час во работните денови ќе трае од 19 до 5 часот наутро, а за време на викенд од сабота во 13 часот до понеделник наутро, кажа министерот за здравство Венко Филипче. Комисијата за заразни болести до Владата доставила листа на нови мерки за заштита и спречување на понатамошно ширење на коронавирусот.

    Покрај скратување на полицискиот час се предлага граѓаните од цела територија на државата да носат заштитни маски или марами задолжително кога се во затворен простор, но и на отворен простор кога не може да се одржува 2 метри растојание. Тоа значи дека носење маски задолжително ќе бидат и при одењето на пазар.

    „Досега сите одлуки ги носевме по препорака на Комисијата за заразни болести и  дадоа добри резултати. Мерките мора да останат на сила сè додека не сме целосно сигурни дека сме го поминале пикот. Со оглед на сегашната состојба Комисијата препорача до Владата благо релаксирање на рестрикциите за движење, но и дополнителни мерки за подигнување на лична заштита“, рече Филипче и кажа дека за овие предлози ќе се разговара утре на владина седница.

    Со релаксирањето на мерките се овозможува на пензионерите движење од 8 до 12 часот, а на младите лица до 18 години, од 13 до 16 часот. Остануваат на сила мерките за забрането групирање на повеќе од 2 лица, и задолжително држење на растојание од 2 метри.

    „Успешно го амортизираме ширењето на коронавирусот, имаме линеарен пораст на заболени пациенти, здравствениот систем успешно се справува, болниците не се оптеретени и тоа беа целите кои си ги дадовме“, додаде филипче.

    Владата на 8 април воведе забрана за движење од 16 до 5 часот наутро, а 24-часовен полициски час за време на викендите.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира