ПОЛОВИНА ОД ЖЕНИТЕ ВО ЗЕМЈАВА СМЕТААТ ДЕКА ДОМАШНОТО НАСИЛСТВО Е ПРИВАТНА РАБОТА, ПОКАЖА ИЗВЕШТАЈОТ НА ОБСЕ

    ПОЛОВИНА ОД ЖЕНИТЕ ВО ЗЕМЈАВА СМЕТААТ ДЕКА ДОМАШНОТО НАСИЛСТВО Е ПРИВАТНА РАБОТА, ПОКАЖА ИЗВЕШТАЈОТ НА ОБСЕКако причина за непријавување на насилството анкетираните жени го пријавиле срамот, финансиски причини, недостаток на информации, недоверба во услугите, стравот од реперкусии и недоволното сфаќање на тоа што претставува насилство; - Од презентацијата на извештајот на ОБСЕ во Скопје (Фото: Влада на РСМ)

    Само два отсто од жените кои се соочиле со насилство од својот моментален партнер инцидентот го пријавиле во полиција, покажува истражувањето на ОБСЕ за благосостојбата и безбедноста на жените, кој беше презентиран денеска. Амарасана Дарисуерн, виш советник на ОБСЕ за родови прашања, рече дека истражувањето покажало оти половина од анкетираните жени во земјава сметаат дека домашното насилство е приватно прашање, а три од 10 жени веруваат дека жртвите на насилство претеруваат во своите тврдења за злоупотреба и силување.

    Како причина за непријавување на насилството анкетираните жени го пријавиле срамот, финансиски причини, недостаток на информации, недоверба во услугите, стравот од реперкусии и недоволното сфаќање на тоа што претставува насилство. Таа кажа дека истражувањето покажало оти постои потреба за поголема поддршка и дејствување за да им се помогне на жените, а најчесто жртвите се од малцинските групи и од руралните средини.

    Амбасадорот на ОБСЕ Клеменс Која, шеф на мисијата на ОБСЕ во Скопје, кажа дека превенцијата и борбата против насилството врз жените и девојките е еден од приоритетите.

    „Насилството врз жените и девојките не е прифатливо, е дискриминирачко и против него мора да се бориме, да го осудиме и да го спречиме по секоја цена. Нашата мисија е подготвена да го поддржи националниот акциски план на Владата за спроведување на Истанбулската конвенција“, рече Која и упати порака дека сите треба да се заложат за нулта толеранција за родово засновано насилство.

    Премиерот Зоран Заев кажа дека насилството врз жените не е само женско прашање, туку дека се однесува на секој од нас. Тој кажа дека за првпат е отворен Центар за жртви на сексуално насилство во кој жртвите ќе добијат психосоцијална поддршка и помош за нивна ресоцијализација и реинтеграција, и три центри за упатување на жртвите на сексуално насилство, во здравствени установи во Скопје, Куманово и Тетово.

    „Насилството врз жените е неприфатливо и тоа претставува кршење на човековите права. Како Влада ветивме дека ќе работиме на унапредување на човековите права и затоа сме посветени на системско унапредување на родовата еднаквост и елиминирање на сите форми на насилство врз жените“, рече Заев.

    Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска рече дека оваа Влада има силна политичка волја да работи да ја спроведе ратификуваната Истанбулска конвенција. Таа кажа дека Скопскиот регион е полиен со кризни центри за жени жртви на насилство, а Министерството за труд си поставило задача годинава да отвори 5 сервиси и дека се надева на меѓународна поддршка за активираме соодветен кадар којшто ќе работи директно со жртвите.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира