Премиерот Христијан Мицкоски вели дека е можно локалните избори да бидат неуспешни поради можноста граѓански листи да се поднесуваат само со два потписа, откако Државната изборна комисија (ДИК) донесе Правилник за регулирање на постапка за собирање потписи за поддршка на кандидатски листи поднесени од група избирачи. Но, ако тоа се случи, како што кажа Мицкоски, Владата ќе именува владини повереници во Општините.
„Сè е можно. Можно е гласачкото ливче да биде 7-8 метри, можно е гласачкото ливче да ги обесхрабри граѓаните да излезат на изборите и да се намали цензусот. Но, сакам да предупредам дека согласно Уставот и Законот, ако не е успешен избирачкиот процес, Владата е таа која именува владини повереници во Општините. Неодговорното однесување на поединци или на политички партии резултира со вакви можности. Дали тоа ќе се случи ќе видими многу скоро, до 1 септември треба да заврши овој процес,“ изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање на увид на градежните работи за изградба на градинка во Драчево.
Државната изборна комисија на 17 август донесе Правилник со кој на изборите граѓанските иницијативи можат да учествуваат со собрани два потписа. Овој Правилник се донесе поради тоа што не постои законска регулатива за листи од група избирачи, откако Собранието не успеа да ги донесе измените на Изборниот законик со кои требаше да се утврди бројот на потребни потписи. Претходно, во мај годинава, Уставниот суд ги укина членовите 17 и 18 од измените во Изборниот законик донесени на 7 март 2024, со кои партиите од власта и опозицијата здружено го зголемија прагот за потребни потписи на 1 отсто од регистрираното гласачко тело во изборна единица.
А. АНТЕВСКА