Министрите за надворешни работи на Германија и на Италија Хајко Мас и Луиџи Ди Мајо не дојдоа денеска во Скопје на состанокот во рамките на заедничкото претседателство со Берлинскиот процес на Македонија и Бугарија. Мас и Мајо потврдиле дека ќе присуствуваат на средбата на министри, но поради новата состојба во нивните земји со коронавирусот во последен момент го откажале учеството.
На состанокот кој го водеа министрите на Северна Македонија и на Бугарија Никола Димитров и Екатерина Захариева, учествуваа министерите за надворешни работи на Србија, Црна Гора, Албанија, Косово, високи претставници на останатите земји од регионот и претставници на институциите на Европската унија и Советот за регионална соработка. На состанакот сите министри порачаа дека исполнување на обврските на Европската унија кон регионот, се клучни, земјите од Западен Балкан да ја задржат реформската агенда.
„Патувањето на Западен Балкан кон ЕУ понекогаш потсетува на патешествието на Одисеј, долго и полно со предизвици. Но како што овој легендарен херој стигна до својата Итака, сигурен сум дека секој од нас ќе стигне до местото каде што припаѓаме, преку силна волја, напорна работа, заемна соработка и мудрост. Зборувајќи за европските перспективи на регионот, морам да се осврнам посебно на нашиот случај, кој навистина е тажна приказна гледано ретроспективно и на сите негативни преседани кои се прекршија врз нас. Но, после историското решавање на отвореното прашање со Грција и очигледното демократско полукружно свртување, неспорно е дека имаме особено силен случај. И доколку ЕУ сака да биде сила со позитивно влијание во регионот и пошироко и да го сочува кредибилитетот, овој пат тоа мора да го признае со јасна одлука за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија“, кажа министерот Никола Димитров.