ПОРАДИ НЕПОЧИТУВАЊЕ НА МЕРКИТЕ, КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ ПРЕПОРАЧУВА УКИНУВАЊЕ НА ПОЛИЦИСКИОТ ЧАС И ОТВОРАЊЕ НА КАФУЛИЊАТА И ГРАНИЦИТЕ

    ПОРАДИ НЕПОЧИТУВАЊЕ НА МЕРКИТЕ, КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ ПРЕПОРАЧУВА УКИНУВАЊЕ НА ПОЛИЦИСКИОТ ЧАС И ОТВОРАЊЕ НА КАФУЛИЊАТА И ГРАНИЦИТЕНа денешниот состанок на Комисијата, на кој присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче, членовите инсистирале во записникот да влезе дека мерките се олабавуваат бидејќи не се почитуваат. (Фото: СДК.МК)

    Комисијата за заразни болести ѝ препорачува на Владата укинување на полицискиот час, отворање на копнените граници од 1 јуни, отворање на угостителските објекти, но само летните бавчи со одржување дистанца, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од извори во Комисијата.

    „Досега здравствениот систем ги штитеше граѓаните и добро го заштити здравјето на граѓаните. Функционира системот за тестирање и се ослободи системот за правење скрининг. Не се преполнија инфективните одделенија и интензивната нега, има уште слободни места. Немаше потреба од пренамена на големи објекти за карантин. Отсега секој поединец ќе треба сам да се штити со лична одговорност“, вели изворот, кој не е овластен да дава официјални изјави.

    Комисијата за заразни болести утринава одлучи за препораките, а конечната одлука треба да ја донесе Владата на првата наредна седница, закажана за денеска во 16 часот. Членовите на комисијата инсистирале да влезе во записникот дека препораките за олеснување на мерките се донесени бидејќи мерките не се почитувале и давале примери како во одредени општини работеле и кафани и се играло кошарка во полициски час, а полицијата не реагирала.

    На состанокот на Комисијата присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче.

    Подоцна попладнево, Министерството за здравство соопшти дека сите досегашни мерки и предлози до Владата, Комисијата за заразни болести ги носи врз основа на темелни анализи на состојбата со епидемијата во земјата.

    М. ИЛИОСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари