ПОРАДИ ВМРО-ДПМНЕ МОРАВМЕ СЈО ДА ГО ОГРАНИЧИМЕ НА 18 МЕСЕЦИ, КАЖА ЗАЕВ

    ПОРАДИ ВМРО-ДПМНЕ МОРАВМЕ СЈО ДА ГО ОГРАНИЧИМЕ НА 18 МЕСЕЦИ, КАЖА ЗАЕВПремиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција во Владата за странската инвестиција „Герешајмер“. (Фото: Влада на РСМ)

    Сите процеси во СЈО за кои постојат докази продолжуваат, рече премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција во Владата за новата странска инвестиција на германската компанија „Герешајмер“, а на која доминираа новинарски прашања за иднината на СЈО и за спасување на високи функционери од ДУИ од кривична одговорност.

    „Доказите се живи и здрави, тие постојат и предметите, според новиот закон, ќе се распределат дел во Обвинителството за организиран криминал и корупција, дел во основните јавни обвинителства, дел ќе останат во идното специјално обвинителство за висока корупција. Кога се правеше новиот закон за Јавно обвинителство, со кое СЈО се спојува со редовното, во ниеден момент не се разговараше за некој да се спаси“, одговори Заев на новинарско прашање дали законот е стокмен за да се спаси лидерот на ДУИ Али Ахмети од почнатата истрага за прекинатиот попис во 2011 година, каде е осомничен од СЈО заедно со избеганиот Никола Груевски, тогашен премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

    Заев побара консензус за законот, исто како пред 5 години кога се носеше законот за СЈО. Тој рече дека според новиот закон бомбите нема да важат, ќе бидат индиции, рече на упорните новинарски прашања дали го спасува Али Ахмети од затвор. Во истрагата за пописот против Ахмети и Груевски, пак, токму прислушуваните разговори се клучен доказ, кај што се договараат почнатата операција да се прекине. Државата беше оштетена со три милиони евра народни пари.

    „Предметите заедно со тој за пописот ќе продолжат, со јавнообвинителска одлука која не знам каква ќе биде. Во новиот закон стои дека бомбите веќе нема да важат како доказ за истрагите по 30 јуни 2017 година“, потсети Заев.

    А токму истрагата за пописот е покрената по 30 јуни 2017 година, што значи бомбите за овој случај нема да важат и не само Ахмети, туку и избеганиот Груевски ќе се спасат од кривично гонење ако обвинителството не најде други докази дека намерно го прекинале пописот со злоупотреба на функциите и моќта што ја имале во 2011 година.

    „Јас сум преговарал и јас сум го договорил тој член 22, истрагите со бомбите да траат само 18 месеци. Транспарентен сум и не бегам од тоа, зашто само така ВМРО-ДПМНЕ беше согласна да го поддржи законот со кој се формираше Специјалното јавно обвинителство. Според новиот закон, прислушуваните материјали ќе се користат само како индиции“, стави крај Заев на очекувањата дека истрагата за пописот ќе продолжи.

    Тој побара консензус за законото од сите партии и укажа дека според новото законско решение, концептот е во иднина високата корупција да се бара кај власта, во случајов СДСМ.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира