ПОРАДИ ЗГОЛЕМЕНИТЕ ЦЕНИ ВО ПРИВАТНОТО ЗДРАВСТВО, ОСИГУРИТЕЛНИTE КОМПАНИИ ИСПЛАТИЛЕ 56 ОТСТО ПОВЕЌЕ ПАРИ ОД ЛАНИ

    ПОРАДИ ЗГОЛЕМЕНИТЕ ЦЕНИ ВО ПРИВАТНОТО ЗДРАВСТВО, ОСИГУРИТЕЛНИTE КОМПАНИИ ИСПЛАТИЛЕ 56 ОТСТО ПОВЕЌЕ ПАРИ ОД ЛАНИФондот врши контроли во приватни здравствени установи само за цени на здравствените услуги за кои имаат склучено договор со ФЗО. (Фото: СДК.МК)

    Осигурителните компании во август им исплатиле над 733 илјади евра на приватните болници и поликлиники, што е за 56 отсто зголемено во споредба со август 2022, стои во извештајот на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).

    „За медицински трошоци покриени со приватно здравствено осигурување во август осигуреници наплатиле 45,1 милиони денари (над 733.000 евра) и тоа е за 56 отсто повеќе од истиот месец лани. Продолжува трендот најголемо учество во вкупниот број на исплатени штети да имаат токму штетите кои се нaменети за покривање на медицински трошоци. Половина од сите исплатени штети во овој месец се однесуваат на приватно здравствено осигурување“, стои во извештајот на Агенцијата.

    Приватното здравство е доста популарно и користено изминативе години, со оглед на тоа дека државниот здравствен систем е хаотичен, а термини едвај, или воопшто не се наоѓаат.

    Но, осигурителни компании со кои контактиравме велат дека со оглед на тоа дека во некои болници секој месец се покачуваат цените, веќе не им се исплати приватното осигурување, бидејќи одат во загуба, и се размислува или да ги поскапат осигурувањето, или таа услуга да биде сосема укината додека не се стабилизираат цените.

    Од друга страна пак, и осигурениците често пати ја злоупотребуваат полисата што им ја овозоможува работодавецот. Во осигурителните компании велат дека има вработени во големи и богати компании, каде фирмата го покрива приватното осигурување и ја знаат секоја дупка во осигурувањето, и буквално „маста му ја вадат на приватното осигурување“.

    „Се јавува клиент од една од најголемите компании во земјава, со најголеми плати и вели: ‘Ме боли рамото’, најдете ми термин за физикална. И така ние му наоѓаме термин во една од приватните установи, и наплаќа 18 илјади денари. Или пак, одат на очен преглед и добиваат извештај за очила, па одат во најскапите оптики и земаат најскапи брендови очила“, вели нашиот соговорник од осигурителна компанија, кој не е овластен да дава информации за јавноста.

    САКАМДАКАЖАМ.МК го праша Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) дали врши контрола или надзор врз цените за сите услуги во приватното здравство, со оглед на честите зголемувања на нивните цени? Оттаму ни одговорија дека Фондот врши контроли во приватни здравствени установи само за цени на здравствените услуги за кои имаат склучено договор со ФЗО.

    На прашањето ако не е надлежен Фондот, кој го врши тоа, нè упатија во Министерството за здравство, од каде ни рекоа дека согласно Законот за здравствената заштита, Министерството за здравство ги утврдува цените на здравствените услуги во јавните здравствени установи, за пациентите кои услугите ги плаќаат со лични средства. Цените на услугите во приватните здравствени установи, велат оттаму, кои немаат договор со Фондот за здравственото осигурување, ги утврдуваат самостојно приватните здравствени установи и тие остваруваат средства од здравствените услуги, само од пациенти кои здравствените услуги ги плаќаат со лични средства.

    „Исто така, согласно законот, за здравствен третман на пациенти болни од заразна болест во услови на утврдено постоење кризна состојба, заради заштита на јавното здравје и прогласена епидемија или пандемија на заразна болест, Владата определува највисоки цени на здравствени услуги во висина на референтни цени утврдени од Фондот, кои цени се должни да ги применуваат и приватните здравствени установи“, додава Министерството.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира