ПОШТАРОТ НЕ МОЖЕ ДА ГО НАЈДЕ АНТОНИЈО МИЛОШОСКИ ЗА ДА ГО ИЗВЕСТИ ПО ЗАКОН ДЕКА ИСТРАГАТА „МОЌНИК” Е ЗАВРШЕНА

    ПОШТАРОТ НЕ МОЖЕ ДА ГО НАЈДЕ АНТОНИЈО МИЛОШОСКИ ЗА ДА ГО ИЗВЕСТИ ПО ЗАКОН ДЕКА ИСТРАГАТА „МОЌНИК” Е ЗАВРШЕНАВо случајот „Моќник“, Милошоски е осомничен дека овозможил по ниски цени да биде распродаден државен имот на негови блиски луѓе. Вкупно се осомничени 13 лица. - Антонијо Милошоски (архивска фотографија)

    Обвинителката Фатиме Фетаи ја завршила истрагата против пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски за злоупотреба на службената положба и овластувањата уште пред три месеци, но поштарот не може да го најде да му даде известување. Без уредно примена покана, според нашите закони, обвинение против осомничен не може да се покрене.

    На 16 октомври 2018 година Милошоски беше на распит во Обвинителството. Предистрагата против Антонијо Милошоски, неговиот татко, поранешниот градоначалник на Македонски Брод и уште 11 лица, Фетаи ја отвори на 18 март.

    Во случајот „Моќник“, Милошоски е осомничен дека овозможил по ниски цени да биде распродаден државен имот на негови блиски луѓе. Вкупно се осомничени 13 лица. При презентирање на случајот, обвинителката Фатиме Фетаи рече дека во заблуда бил донесен Советот на Општината да отуѓи и продаде задружен дом со што била нанесена штета од 50 илјади евра во 2011 година и притоа се направени кривичните дела Измама и Злоупотреба на службената положба и овластувања.

    Но, оваа истрага не ги опфаќа само злоупотребите и измамите со задружниот дом, туку и други дела поврзани со моќта на Милошоски како пратеник на власт. Се претпоставува дека делот со Томе Аџиев е поврзан со бомбата каде Антонијо му нарачува лустрација на неподобен судија од Кичево, Аџиев послушно ја прифаќа нарачката.

    На 15 октомври 2018 година на распит во СЈО беше и Аџиев.

    Паралелно со истражните дејствија против него, Милошоски водеше преговори во име на ВМРО-ДПМНЕ за Законот за Јавно обвинителство, кој стапува на сила на 30 јуни оваа година. Со новиот Закон за ЈО, прислушуваните разговори престануваат да важат како доказ, од 30 јуни натаму.

    Неофицијално, во предметот „Моќник” има докази од прислушуваните разговори на Милошоски и на осомничените, како одела манипулацијата за нелегалното купување на задружниот дом. Ако поштарот не го најде Милошоски до 30 јуни, тие докази повеќе нема да важат против него и против останатите осомничени.

    Милошоски е носител на пратеничката листа на ВМРО-ДПМНЕ во петтата изборна единица.

    Осомничен, според Законот за кривична постапка, мора да прими известување за завршување на истрагата, за да може да даде дополнителни докази. Во спротивно, поднесеното обвинение може да биде вратено од судот при оценката.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира