ПОСТАПКИТЕ И ИЗЈАВИТЕ ОД БУГАРИЈА НЕ СЕ ПРИЈАТЕЛСКИ, ВЕЛАТ ОД ВЛАДАТА ПО ИЗЈАВИТЕ НА РАДЕВ И БОРИСОВ

    ПОСТАПКИТЕ И ИЗЈАВИТЕ ОД БУГАРИЈА НЕ СЕ ПРИЈАТЕЛСКИ, ВЕЛАТ ОД ВЛАДАТА ПО ИЗЈАВИТЕ НА РАДЕВ И БОРИСОВМакедонската влада денеска потсети дека со Договорот за добрососедство од 1 август 2017 година, Македонија и Бугарија потпишаа дека ќе обесхрабруваат провокации кои не се во интерес на ниту една страна, дека нема да влегуваат во круг на навреди, обвинувања и говор на омраза. - Румен Радев; Бојко Борисов (Фото: СДК.МК)

    Македонската влада вели дека деновиве сведочиме постапки и изјави од Бугарија кои македонските граѓани не ги доживуваат пријателски, во реакцијата по изјавите на бугарскиот претседател Румен Радев и поранешниот премиер Бојко Борисов, кои имаа средби со претставници на бугарски здруженија во Македонија.

    Радев кажа дека „додека не се реши прашањето за човековите права и недискриминацијата на Бугарите во Република Северна Македонија не гледа како ќе се отвори вратата за преговори за членство во ЕУ“, а Борисов дека „нема да има разговори со Северна Македонија додека бугарското малцинство не биде внесено како такво во Уставот“.

    Македонската влада денеска потсети дека со Договорот за добрососедство од 1 август 2017 година, Македонија и Бугарија потпишаа дека ќе обесхрабруваат провокации кои не се во интерес на ниту една страна, дека нема да влегуваат во круг на навреди, обвинувања и говор на омраза, кои не носат ништо добро за никого, а најмалку за македонскиот и за бугарскиот народ.

    „Наместо тоа, Договорот обврзува да се одржува европски дијалог и да се почитува и применува целосно, вклучувајќи го и темелниот принцип за немешање во внатрешните работи на двете земји. Имаме разбирање за внатрешна политичка предизборна состојба во Бугарија и комплицираниот изборен тек, но сметаме дека тоа не е причина за политички пораки за кампањски потреби кои излегуваат од рамката на европските вредности и принципи за почитување на кој е изграден Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Таквите тонови не се доживуваат како пријателски од страна на македонските граѓани. Немешањето во внатрешните работи е принципиелен став, а таков став очекуваме и од соседите“, се вели во владиното соопштение.

    Од македонската влада велат дека остануваат посветени на дијалог со Софија и барање на взаемно прифатливо решение за прашањата што се отворија и континуирано работат на активна имплементација на договорот.

    „Решенијата не се во минатото, тие се во иднината, а иднината бара дијалог, не монолог за внатрешна употреба. Кога станува збор за земја членка на ЕУ и за земја со потврдено признание дека ги исполнила сите услови за почеток на преговори за членство, дијалогот е единствено решение за билатералните прашања и за изнаоѓање меѓусебно разбирање. Република Северна Македонија е подготвена за тој дијалог. Време е Бугарија да ја покаже истата подготвеност“, додаваат од македонската влада.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира