ПОТПИСИ ЗА НЕЗАВИСНИТЕ ГРАЃАНСКИ ЛИСТИ ЗА ИЗБОРИТЕ ЌЕ СЕ СОБИРААТ ДО 30 АВГУСТ ВО ДИК И КАЈ ОВЛАСТЕНИ НОТАРИ

    ПОТПИСИ ЗА НЕЗАВИСНИТЕ ГРАЃАНСКИ ЛИСТИ ЗА ИЗБОРИТЕ ЌЕ СЕ СОБИРААТ ДО 30 АВГУСТ ВО ДИК И КАЈ ОВЛАСТЕНИ НОТАРИПотписите се собираат пред службените лица на ДИК и пред надлежен нотар од 8 до 20 часот, а на 30 август и до полноќ - Од промоцијата на независна листа на Центар (Фото: К. Попов)

    Денеска почнува, а на 30 август на полноќ завршува собирањето потписи на избирачите за кандидирање на локалните избори. Потписите се собираат пред службените лица на Државната изборна комисија (ДИК) и пред надлежен нотар од 8 до 20 часот, а на 30 август и до полноќ, на образец утврден од Комисијата. Нотарите пред кои ќе се собираат потписи ги определува подносителот на листата и за тоа ја известува ДИК, која нотарите ги објавува на својата интернет страна.

    Досега, дека ќе имаат свои независни листи објавија неколку граѓански иницијативи во Скопје, Тетово, Гевгелија, Битола, Куманово, Охрид, меѓу кои и „Зелен хуман град“ за Скопје и „Шанса за Центар“ за скопски Центар.

    Секој избирач својот потпис може да го даде за повеќе листи на кандидат за градоначалник. Избирачите кои ја поднесуваат листата треба да имаат избирачко право и постојано живеалиште на подрачјето на Општината. Кога подносител на листа на кандидат за градоначалник е група избирачи, потребно е да се соберат во општина до 10.000 жители најмалку 100 потписи од запишаните избирачи во општинскиот Избирачки список, во општина од 10.001 до 30.000 жители најмалку 150 потписи, во општина од 30.001 до 50.000 жители најмалку 250 потписи, во општината од 50.001 до 100.000 жители најмалку 350 потписи, во општината над 100.001 жители најмалку 450 потписи и во градот Скопје најмалку 1.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список на подрачјето на градот Скопје.

    Листите на кандидати за членови на Советот и листата на кандидат за градоначалник на Општината, овластените претставници на предлагачите ги доставуваат до Општинската изборна комисија (ОИК). Листите на кандидати за членови на Советот на град Скопје и листата на кандидат за градоначалник Скопје, овластените претставници на предлагачите ги доставуваат до избирачките комисии на Градот Скопје најдоцна на 11 септември до 24 часот, 35 дена пред денот на изборите. ОИК врши проверка на листите најдоцна во рок од 24 часа од приемот на листата и исто така доставува барање за проверка на податоците од листата до институциите веднаш или најдоцна 24 часа по поднесувањето, односно на 12 септември. Институциите се должни повратните информации до ДИК да ги достават во електронска форма за 24 часа. Ако ДИК утврди дека листата е составена согласно Изборниот законик, ја потврдува во рок од 24 часа, додека ако се утврдат неправилности или пропусти им се дава 48 часа на подносителите да ги отстранат. Откако ќе се констатира дека листата е во согласност со Изборниот законик, се потврдува со решение.

    Најдоцна на 23 септември ДИК на својата веб страна, а ОИК во сите населени места ќе ги огласи утврдените листи за градоначалници и за советници.

    Кампањата за локалните избори започнува на 27 септември на полноќ и трае до полноќ на 15 октомври.

    Своите податоци гласачите може да ги проверат во Избирачкиот список преку веб-страната на ДИК www.sec.mk или на https://izbirackispisok.gov.mk/. Официјално, јавниот увид на Избирачкиот список за изборите ќе започне на 21 август и ќе трае до 9 септември. Тогаш ДИК на увид ќе ја стави новата состојба на податоци на Избирачкиот список, што ќе се користи на денот на изборите.

    Годинава, за првпат на локалните избори за проверка на идентитетот на гласачите ќе има систем и терминали за вчитување на отпечатоци од прсти, а германската компанија „Дермалог“ првите 250 терминали треба да ги испорача на 25 август.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира