ПОТРОШИЛЕ 156,4 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ИЗГРАДБА НА ГАСОВОДИ, ДАЛЕ УШТЕ ДВА МИЛИОНА ЗА ЕКСПРОПРИЈАЦИЈА, А НЕ ПУШТИЛЕ НИТУ КИЛОМЕТАР ВО УПОТРЕБА, ОБВИНИТЕЛСТВОТО ГО РАЗГЛЕДУВА СЛУЧАЈОТ НА НОМАГАС

    ПОТРОШИЛЕ 156,4 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ИЗГРАДБА НА ГАСОВОДИ, ДАЛЕ УШТЕ ДВА МИЛИОНА ЗА ЕКСПРОПРИЈАЦИЈА, А НЕ ПУШТИЛЕ НИТУ КИЛОМЕТАР ВО УПОТРЕБА, ОБВИНИТЕЛСТВОТО ГО РАЗГЛЕДУВА СЛУЧАЈОТ НА НОМАГАСВо периодот од 2018 до 2022 биле исплатени приближно 2 милиона евра за експропријација. (Фото: НОМАГАС)

    Републичкото обвинителство веднаш по објавата на извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) „Развој на гасификацијата во Република Северна Македонија“, го дало на постапување во Јавното обвинителство на Скопје. Државниот ревизор констатира дека откога е почнат процесот на изградба на магистралните гасоводи во Македонија се потрошени 156,4 милиони евра, а притоа не се пуштени во употреба.

    Државата, преку државната компанија НОМАГАС, троши милиони за наводна изградба, граѓаните дишат загаден воздух и се разболуваат, зашто ниту километар не е пуштен во употреба.

    Неофицијално, Обвинителството ќе испитува и кој е виновен што купена опрема од 1,6 милиони евра скапува 5 години по магацини и станува неупотреблива. Но, и зошто трансакција од 32,7 милиони евра за акции што требало да ги плати НОМАГАС не била извршена веднаш, туку по година и осум месеци.

    „Во периодот од 2014 до 2023 година, за изградбата на магистралните гасоводи ЛОТ1-61 km (Клечовци- БС5 изграден) , ЛОТ 1 – 36 km (БС5 – Неготино со ГМРС Изградена гасоводна мрежа Постоечки гасовод ЛОТ 1-61 км Клечовци- БС5 изграден ЛОТ 1-36 км БС5 – Неготино со ГМРС Штип и ГМРС Неготино ЛОТ 2-92 км Неготино (Кавадарци) – Битола ЛОТ 5- 78 км Скопје-Тетово-Гостивар ЛОТ 5-34 км Гостивар-Кичево, Одобрение за градење Интерконекција со Грција (DESFA) ЛОТ 3 и 4 Основен проект Штип и ГМРС Неготино), ЛОТ 2 (Неготино (Кавадарци) – Битола) и ЛОТ 5 (км Гостивар-Кичево, Одобрение за градење) склучени се договори и анекси кон договорите, како и договори за непредвидени и дополнителни работи во вкупен износ од приближно 156,4 милиони евра. Најголем дел од нив иако се изградени сѐ уште не се ставени во употреба“, нагласува ревизијата на ДЗР.

    Причини за ваквата состојба, според државниот ревизор, се слабостите во делот на запишување на правото на сопственост на линиските инфраструктурни објекти. Ќе се испитува одговорност, бидејќи многу истрошени пари се во прашање, а ефектот е нула.

    Секако, се подвлекува и бавното решавање на предметите за експропријација за коишто во периодот од 2018 до 2022 биле исплатени приближно 2 милиони евра.

    Утврдени се и слабости во следењето на реализацијата на договорите за изградба и надзорот над изградбата на магистралните гасоводи, како и во начинот на одржување на гасоводната мрежа, кое исто ќе се истражува.

    Не е завршен ниту гасоводниот прстен околу главниот град, затоа што, според извештајот, немало доволна координација со Град Скопје. Овој прстен треба да поминува преку новоизградена сообраќајница, поради што треба да се прават дополнителни градежни трошоци, односно нејзино орање и кршење и трошење пари одново да се крпи.

    ДЗР се сомнева дека беспотребно биле истрошени 1,6 милиони евра за опрема, бидејќи не се користи.

    „За делниците кои не се изградени, а за кои се набавени материјали и резервни делови е утврдено несоодветно управување со нивната залиха, што претставува ризик од нерационално трошење на јавни средства. Имено, ревизорите утврдиле постоење на залихи на материјали и резервни делови, со вкупна вредност од приближно 1,6 милиони евра, кои се набавени пред 2019 година и не се користат, со што се доведува во прашање потребата од нивна набавка, како и можноста истите да бидат застарени и неупотребливи“, вели ДЗР во извештајот.

    Во извештајот се проблематизирани и состојбите кои се однесуваат на решавањето на долгогодишниот спор помеѓу Владата и АД за промет со нафта и нафтени деривати Скопје, преку откуп на акцијата на АД во ГА-МА, за што беше донесен закон и е направена Проценка на капиталот на ГА-МА.

    „Неоспорувајќи ги заложбите за решавање на спорот на државата и АД за промет со нафта и нафтени деривати Скопје, ревизорите обрнуваат внимание на начинот на кој е била извршена трансакцијата за пренос на паричните средства и откуп на акцијата во износ од приближно 32,7 милиони евра. Имено, на крајот на 2019 година од Буџетот на државата паричните средства за откуп на акцијата биле трансферирани на наменска сметка на НЕР во домашна банка, додека трансакцијата се реализирала по измината една година и осум месеци, односно на крај на август 2021 година, што има влијание на Буџетот на државата и неповолно се одразува на дел од основните буџетски цели и начела кои ги предвидува законот за буџетите“, вели ДЗР.

    Обвинителството  треба да истражи зошто веднаш не била направена трансакцијата?

    Во останатата содржина од извештајот ревизорите укажуваат на потребите за развивање на дистрибутивен систем на природен гас во државата, целосно самофинансирање на дејноста – пренос на природниот гас и реализацијата на идните активности за интерконекција со соседните држави.

    Извршен директор на НОМАГАС АД Скопје е инженерот Бајрам Реџепи. Ристо Талевски е претседател на Одбор на Директори, а членови на управниот одбор се и бившиот директор на Пошта Рафис Аљити, Бетиане Китев и Дарко Башоски, главно членови и поранешни функционери од ДУИ и СДСМ.

    Претходно, пак, владата на ВМРО-ДПМНЕ ја кочела изградбата на гасоводот 6 години. Требало да стартува во 2010, а градбата почнала дури во 2016 година.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА – С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира