ПОВЛЕКУВАЊЕ НА ПРЕДЛОГ-ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНИТЕ ЗА ИЗГРАДБА НА АВТОПАТИТЕ, БАРА ПЛАТФОРМАТА НА ГРАЃАНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ ЗА БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА

    ПОВЛЕКУВАЊЕ НА ПРЕДЛОГ-ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНИТЕ ЗА ИЗГРАДБА НА АВТОПАТИТЕ, БАРА ПЛАТФОРМАТА НА ГРАЃАНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ ЗА БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТАПлатформата бара спикерот Џафери да ја повлече 112 седница оти не е оставено доволно време за процена во колкав обем се зголемуваат ризиците од корупција со предложените измени. (Фото: СДК.МК)

    Платформата на граѓански организации за борба против корупција бара од претседателот на Собранието Талат Џафери да го повлече дневниот ред на утрешната седницата број 112, на која по кратка постапка треба да се донесе пакетот измени во 9 закони со кои треба да се олесни изградбата на автопатите од Коридорот 8 и 10, проекти вредни 1,3 милијарди евра што ќе ги гради „Бехтел и Енка“. Меѓу нив се и измена на Законот за работните односи, на Законот за заштита на културното наследство и на Законот за експропријација. Од Платформата велат дека „ниту на пратениците, ниту на граѓаните ниту на стручната јавност им е оставено доволно време за да проценат во колкав обем се зголемуваат ризиците од корупција со предложените измени, кои имаат потенцијал делумно да ги ограничат заштитните механизми поврзани со остварување на човековите права, заштитата на животната средина и финансиските последици од даночните и други фискални ослободувања кои се предлагаат“.

    Платформата, во која членуваат 18 организации, меѓу кои и Транспаренси, Фондацијата Отворено општество, Хелсиншкиот комитет за човекови права, МЦМС, Евротинк, укажува дека пратениците имаат должност да го штитат уставниот и правен поредок во државата, имаат обврска да овозможат должна дискусија, и да повикаат стручни лица и засегнати страни на расправа при носење на закони и измени на закони. Ова е особено важно при носење на одлуки кои по својата природа се сложени и дерогираат или овозможуваат исклучоци при спроведување на општите закони. Исто така овие одредби сериозно ги нарушуваат и индивидуалните права на сопственост загарантирани со Уставот.

    „Носењето специјален закон, како што е Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија, уште од самиот почеток вклучуваше ризици од корупција, бидејќи ги заобиколуваше општите закони, на што укажа и Платформата во тогашната реакција, а кон критиките се придружија и други домашни и странски чинители. Оттука, изненадувачки е дека на Седницата бр. 112 се предложени измени на повеќе закони по скратена постапка, а поврзани со неговото извршување. Ниту на пратениците, ниту на граѓаните ниту на стручната јавност им е оставено доволно време за да проценат во колкав обем се зголемуваат ризиците од корупција со предложените измени, кои имаат потенцијал делумно да ги ограничат заштитните механизми поврзани со остварување на човековите права, заштитата на животната средина и финансиските последици од даночните и други фискални ослободувања кои се предлагаат“, велат од Платформата.

    За да се ограничат можностите од корупција иницирани со дерогирање на постоечката законска регулатива на земјата, Платформата инсистира на повлекување на точката од дневен ред на седницата и повикува на сеопфатна анализа и јавна расправа за тоа колку и кои ќе бидат засегнатите страни со овие предложени решенија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира