Пратеничката од опозициската СДСМ Сања Лукаревска денеска во Собранието побара да се повлече од дневен ред Предлог-законот за јавни набавки, поради неколку забелешки на опозицијата.
Прво, зголемување на лимитот на пари за набавки без тендери, односно за набавки во четири очи, и тоа од 5.000 евра на 10.000 евра.
Тоа, според неа, значи дека секој министер, градоначалник, директор на јавно претпријатие, секој функционер, ќе може 10.000 евра народни пари да си ги потроши каде сака, колку сака и за какви стоки сака, без да даде отчет некому.
Натаму, се укинува обврската да се бара одобрување од Бирото за јавни набавки за склучување договори без оглас за јавни набавки, што ја отвора можноста за неограничен број тендери во четири очи. Тие ќе се склучуваат отсега без никаква контрола.
Со предлогот се зголемува износот за поднесување жалба против постапките за јавно набавки, од сегашните 5 до 200 евра, на 150 до 600 евра за да се одвратат фирмите, особено малите фирми, да поднесуваат жалби против постапките, зашто ќе им биде скапо.
Лукаревска реагира и дека критериумот „најниска цена” се трга со измените, предупредувајќи дека тоа е опасно и е вовед во корупција.
„Повторно ли ќе имаме бикови од 100.000 евра?”, ги праша Лукаревска пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и министерката Гордана Димитриеска-Кочоска дојдена денеска и за вториот по ред ребаланс на Буџетот.
Со спорните измени се предлага отсега натаму и пристапот до информациите за јавни набавки на Бирото да се плаќа, а новинарите и граѓаните нема да може да пристапат бесплатно како досега.
Но, владејачкото мнозинство предводено не гласаше за повлекување на Предлог-законот за јавни набавки. Тој е ставен како 12. точка на дневниот ред, се очекува без проблем да биде изгласан од ВМРО-ДПМНЕ.
С. К. ДЕЛЕВСКА



