ПОЖАРОТ ВО БЕРОВСКО СÈ УШТЕ АКТИВЕН, НО НЕМА ЗАГРОЗЕНИ СЕЛА, РОМАНИЈА ЌЕ ИСПРАТИ УШТЕ ЕДЕН ПРОТИВПОЖАРЕН АВИОН

    ПОЖАРОТ ВО БЕРОВСКО СÈ УШТЕ АКТИВЕН, НО НЕМА ЗАГРОЗЕНИ СЕЛА, РОМАНИЈА ЌЕ ИСПРАТИ УШТЕ ЕДЕН ПРОТИВПОЖАРЕН АВИОНВо гаснењето на пожарите низ Македонија учествуваат и екипи од Австрија, Словенија, Бугарија и Србија (Фото: ЦУК)

    Пожарот во Беровско е ставен под контрола, изјави градоначалникот на Берово Звонко Пекевски, додека активни пожари има на неколку места во земјата, од кои некои повторно се разгоруваат.

    „Сè уште има активни жаришта, но генерално, овој голем пожар е ставен под контрола. Најважно од сè е што нема човечки жртви и материјална штета на објекти. Не е изгорена ниедна куќа, само шума“, изјави Пекевски.

    Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) велат дека под контрола е ставен пожарот кај две села во околината на Прилеп, додека пожарот кај велешкото село Џимирци се префрла кон Скопскиот Регион, кон селата Крушје и Дивје.

    „Таму ситуацијата е малку посложена, зашто станува збор за непристапен терен“, кажа директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.

    Романскиот авион денеска ќе интервенира на пожарот во село Дивје и Крушје во Општина Петровец, кој се префрли на скопска територија од Општина Велес. Помошник-раководителката на ЦУК Марија Милкова апелираше до корисниците на дронови деновиве од безбедносни причини да не ги користат во воздушните простори каде има пожари, бидејќи им сметаат на воздухопловите кои ги гасат. За дрон може да се добие дозвола за користење во местата каде е безбедно.

    Во Скопско повторно се активираше пожарот во Општина Сарај, кај селата Раовиќ и Буковиќ, но Ангелов вели дека очекуваат да биде ставен под контрола, исто како и оној во Старо Нагоричане.

    „Состојбата е под контрола на територијата на целата земја. Ниедно село и ниеден човек не е загрозен“, кажа Ангелов.

    Во гаснењето на пожарите низ Македонија учествуваат и екипи од Австрија, Словенија, Бугарија и Србија, а премиерот Заев најави дека денеска на помош треба да пристигне уште еден противпожарен авион од Романија.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира